Македонија
(Видео) Велјановски: СДСМ и ДУИ експресно изгласаа ДУП за бизнис од 200 милиони за контроверзен бизнисмен
СДСМ и ДУИ експресно изгласаа ДУП за бизнис од 200 милиони за контроверзен анти НАТО бизнисмен, кој слушнавме како вети дека дал поткуп на Заев, изјави денеска Александар Велјановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој во името на опозициската партија го повика Јавното Обвинителство за организиран криминал и корупција да реагира и да отвори случај.
„СДСМ И ДУИ експресно на само еден ден по формирањето на владата, во Тетово носат измени во ДУП со кои му овозможуваат бизнис од 200 милиони евра на контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака. Заради бизнис интерес на врвот на власта за кратко овде зад нас на местото на некогашниот гигант ШИК Јелак ќе никне бетонска џунгла со над 2.000 станбени единици, илјадници метри квадратни деловни простории и трговски центри. Криминал на дело“, вели Велјановски.
Како што истакна, на СДСМ и ДУИ им требало само еден ден да го реализираат ветувањето кон Дака, за кое пред изборите се зборуваше дека преку Зоран Милевски Кичеец владата земала 300.000 евра поткуп и добила ветувања за дополнителен поткуп доколку работата биде завршена.
„Според снимката која сите ја слушнавме Дака дава ветување за 2.000 м2. Дали тоа се 2.000 м2 станбен простор и кај кого треба да заврши?! Кој од власта ќе се офајди од авантата од 2.000 м2 станбен простор, што е еднакво на 40 стана од 50м2 ?! Односно 2.000.000 евра, доколку м2 површина се смета по цена од 1.000 евра. Ова ли се темелите на коалицијата СДСМ – ДУИ?! Бизнис интереси на штета на народот! Никој ниту локалната, ниту централната власт ги прашала граѓаните на Тетово дали сакаат на ова место зад нас да никне бетонска џунгла“, рече Велјановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

