Македонија
(Видео) Владини делегации го одбележаа државниот празник 11 Октомври во Скопје, Прилеп и Куманово
Во организација на Владата денеска во Куманово, Прилеп и Скопје се организираа свечености по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.
Свеченостите, под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“, се одржаа во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници, односно без масовни народни собири и културно-уметничка програма, со минимум присутни лица и обезбедена дистанца и заштита.
Претседателот на Владата Зоран Заев по повод чествувањето на 79 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, ја предводеше делегацијата во која беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, која положи цвеќе пред Спомен – Костурницата во Куманово.
Венци со свежо цвеќе пред Спомен – Костурницата во Куманово положија и повеќе делегации на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, Сојузот на борците, на Армијата на Република Северна Македонија, на парламентарните политички партии, на дипломатскиот кор и на Општина Куманово.
Како дел од свеченото одбележување на државниот празник 11 Октомври, владини делегации положија цвеќе и во Прилеп и Скопје.

Во Прилеп, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерката за образование и наука Мила Царовска, положија цвеќе на споменикот на Методија Андонов-Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, на Алејата на народни херои, на Споменикот „Жена борец“, како и на спомен обележјето Могилата на непобедените.

Венци цвеќе, пред Споменикот на борците, кои паднаа за ослободување на Скопје, положи владина делегација предводена од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за здравство Венко Филипче.

Претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето на свеченоста пред Спомен – Костурницата во Куманово, истакна дека на денешен ден 11 Октомври – Денот на народното востание, нашите сограѓани во Куманово и Прилеп, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда и во триумфот на победата го остварија вековниот сон – сопствената и заслужена државност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

