Македонија
(Видео) Жугиќ: Шилегов во услови на епидемија троши 525 илјади евра на лампиони и диносауруси

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, повеќе од очигледно е дека тера инает со здравиот разум. Во услови на тешка пандемија, тој упорно не отстапува од намерата од градскиот буџет да потроши 32.340.000 денари или 525 илјади евра за новогодишни лампиони и пластични диносауруси. Од една страна владејачката партија прогласи кризна состојба, а од друга страна градоначалникот Шилегов инсистира да го кити градот со лампиони, новогодишни светилки и играчки диносауруси, изјави Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
„ ВМРО-ДПМНЕ и јавноста и граѓаните на Скопје подолго време апелираат дека оваа астрономска сума треба да се пренамени за справување со здравствената криза.
Во услови кога половина од заразените од вирусот на државно ниво се жители на Скопје, во услови кога секој ден стотина наши сограѓани заболуваат, а дел од нив го губат и својот живот, градоначалникот празните улици ќе ги кити со прескапи сијалички. Зошто и за кого?
Здраворазумно е овие над половина милион евра да се насочат онаму каде што е најпотребно, во заштита на здравјето и животите на скопјани.
Повторно апелираме до градоначалникот Шилегов, тие половина милион евра да ги насочи кон набавка на медицински материјали, возила на Брза помош, јакнење на здравствените капацитети, помош на граѓаните кои се во самоизолација, помош на ранливите категории граѓани, на лицата со попреченост, да помогне во заштита на здравјето на скопјани.
Во спротивно, неговото инаетење може да се толкува како јавна набавка која за градоначалникот преставува личен интерес, бонбона бизнис од кој и покрај апелите на скопјани тој нема, ама баш никаква намера да се откаже“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.