Македонија
(Видео) Закани до обвинителите на СЈО: „Фатиме е наша, а на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“

Во кривичниот суд во Скопје повторно се одложи рочиштето за предметот на СЈО „Титанк 3“, во кој обвинети се Ејуп Алими и Исмет Гури.
Судијката Оља Ристова рече дека судот повторно преку ургенција до Министерството за правда ќе побара да биде обезбедена во судот да сведочи сведокот Р.Б. бидејќи живее во Германија, за што одбраната доставила извод на венчаните.
Судијката рече дека не е вложен доволен напор од државните органи за да се пронајде сведокот. Судот го задолжи СЈО да вложи напор и да го обезбеди сведокот кој е клучен во постапката.
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека ќе ги вложат сите напори жената да дојде и да сведочи. На минатите рочишта СЈО побара поради недостапноста на сведокот да биде прочитан исказот кој таа го дала пред СЈО. Извори за „Макфакс“ тврдат дека сведокот, која сега е во Германија, добивала закани.
Обвинетиот Ејуп Алими му дофрли на обвинителот Гаврил Бубевски дека не биле доволно добри во напорите да го обезбедат сведокот, на што Бубевски му одговори „затоа вие сте добри кога се заканувате“. Обвинителката Фетаи на адвокатот на Алими, Мефаил Арслани, му рече „па ти ми кажа“.
Фетаи во судницата рече дека добила закани од типот „Фатиме е наша, а на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“.
Следното рочиште за предметот „Титаник 3“ е закажано 22 февруари.
Во „Титаник 3“ обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури. Тие како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.
Според обвинението, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Оптимист сум дека ќе обезбедиме мнозинство за Уставните измени

„Скрининг процесот со Европската Унија е во тек и се одвива со добра динамика врз основа на што ќе ги добиеме извештаите од скринингот и патоказот за отворање на поглавјата. Паралелно со тој процес , се одвива и процесот на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот“.
Во интервју за француската телевизија „Франс 24“, министерот за надворешни работи, Бујар Османи зборува за процесот на уставните измени, односите со Бугарија, како и за реформската агенда на Владата потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.
Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред“, вели Османи во интервјуто во однос на односите со Бугарија и очекувањето за продолжување на дијалогот помеѓу двете земји.
Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека Северна Македонија има најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското аки. За земјата уште подобро да напредува и да покаже вистински резултати, Османи вели дека е потребно да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.
„Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество“, вели Османи.
Северна Македонија, делумно со тоа што толку долго беше на овој пат кон ЕУ, беше фаворит дури и во споредба со земјите кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.
„Оваа предност и побрзото отворање на поглавјата, ќе ни помогне за да можеме побрзо и да ги затвориме преговорите“, вели Османи во интервјуто за „Франц 24“.
Македонија
Петровска во посета на најстариот приватен воен колеџ во САД, Универзитетот „Норвич“

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и делегацијата при престојот во сојузната држава Вермонт, го посетија и Универзитетот „Норвич“, кој е и најстариот приватен воен колеџ во Соединетите Американски Држави.
При посетата на „Норвич“, министерката Петровска се сретна со претседателот на Универзитетот, генерал мајор Марк Анарумо, со кого разговараше за можностите за продолжување на успешната соработка помеѓу Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и овој Универзитет.
Петровска и Анарумо изразија интерес за продолжување на воспоставената пракса на размена на питомци, за што во иднина треба да се потпише и нов Технички договор помеѓу двете високообразовни институции.
Во периодот од 2015 до 2020 година, 10 питомци од академијата минаа по еден семестар во рамките на Универзитетот Норвич, додека питомци од овој Универзитет беа дел од Летниот кампус организиран од Воената академија на „Криволак“.
Македонија
Прашањата од матурата по англиски јазик се појавија на група на „Вибер“, од ДИЦ велат дека тестот не е пробиен, туку споделен

Матуранти, во група на апликацијата „Вибер“ си ги разменувале одговорите на матурскиот тест по англиски јазик.
По информациите во јавноста, со коментар се огласи Државниот испитен центар.
Од тука велат дека тестовите не биле пробиени, туку прашањата биле споделени откога испитот започнал.
„Тестот не е пробиен, туку споделен“, велат од испитниот центар образложувајќи дека тестирањето почнало во 10 часот, а потоа во рамките на Вибер групите од страна на членовите биле објавувани прашањата кога почнала реализацијата на испитот.
Најавуваат дека ќе постапат согласно законските надлежности со сите матуранти што ги нарушиле правилата.
Денеска се полага вториот екстерен испит, а според податоците на Државниот испитен центар, како и во минатите години најмногу пријавени (13 922) има за испитот по Англиски јазик.