Македонија
(Видео) Запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров, соседите забележале луѓе со фантомки
Утрово околу 4 часот бил запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров паркиран на тротоар на улицата Христо Смирненски зад Универзалната сала во Скопје. Соседите велат дека забележале луѓе со фантомки како бегаат по улицата. Нема жртви ниту повредени, направена е само материјална штета. Заедно со автомобилот изгорел и компресор на градежна компанија, кој исто така бил оставен на тротоарот, мали оштетувања има и кај уште неколку автомобили и искршени се прозорците на куќата пред која бил паркиран автомобилот. Архитектот Златко Тодоров, сопственик на градежната компанија „Кубус“, се сомнева дека подметнатиот пожар е поврзан со судски спор за кој неодамна имало пресуда во негова корист.
„Тој што го направил овој чин е очигледно социопат. Сторителот немал предвид дека во близина има прозорци и дека луѓето спијат. Нивната вознемиреност е поголема жртва од автомобилот. Има еден процес што се води во Обвинителството, карактеризирани се сите тие. Се работи за злосторничко здружение, а ги има повеќе. Пред неколку дена имавме пресуда во наша полза и извршена е. Дали тоа може да се поврзе или не може, не знам. Нема други работи. Нема некои посебни личности кои можам да ги посочам, освен оние кои се познати во јавноста, а институциите ги карактеризирале како злосторничко здружение. Се надевам дека на тоа здружение, по референдумот, ќе му дојде крајот. Има очевидци. Едниот сосед, кој се разбудил од бучавата, потврдува дека маскиран човек со запалива материја или направа в раце бил свртен кон автомобилот и бегал. Сега полицијата е на увид, а ќе биде процесирано согласно со законите. Имало експлозија од неексплозивна направа. Претпоставувам дека тоа е некое шише со бензин што пукнало. Не експлозијата, туку бензинот е виновник за штетата на возилото. Противпожарната бригада била тука за 3-4 минути. Тие ефикасно реагирале. Да не биле тие, ќе имало пожар во станот што е на приземје и можел да биде опфатен. Девојката затворила прозорец, како што ѝ кажале пожарникарите. За среќа, нема други материјални штета. За да направи ваков чин, човек треба да е малку ненормален. Социопатијата е работа што не можете да ја препознаете“, изјави за „Макфакс“ архитектот Тодоров.

За запалениот автомобил аларм кренало куче од соседството со вознемирувачко лаење. Соседите на Тодоров велат дека кучето почнало да лае кога забележало непознати лица на улицата, која важи за мирен дел од центарот на градот, а за кусо време го забележале и пламенот. Противпожарната бригада ја повикале соседите, кои велат дека слушнале и мала експлозија што ги распаметила. Утрово сите беа вознемирени и со страв дека сè можело да изгори ги гледаа остатоците од автомобилот и трагите од гасењето што ги оставила противпожарната бригада по целата улица.
Полицијата дојде да направи увид околу 10:00 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен, велат од „Вреди“
Артан Груби е црната кутија на ДУИ. Не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата архива на една партиска шема што со години се штитела од јавноста. Кога црната кутија еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот, велат од „Вреди“.
Според нив, Ккќниот притвор не е олеснување. Тоа е, како што велат, знак дека приказната влегува во фаза во која зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку фактите.
„Институциите почнаа да ја копаат вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа парите. И токму затоа ДУИ денес е во паника.
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен. Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите „под маса“. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите.
Затоа стравот во Мала Речица не е случаен. Тоа е страв од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува. Кога ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги. И кога ќе стане јасно дека Груби не е само товар за ДУИ, туку потенцијална искра што може да ја запали целата нивна конструкција“.
Ова, додаваат од коалицијата, не е крај. Според нив, ова е почеток на процес што може темелно да ја разниша конструкцијата изградена околу Али Ахмети.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.

