Македонија
(Видео) Катица Јанева сака лично да ги следи судењата во кои Камчев ѝ бара да му врати дел од милионот

Експецијалната јавна обвинителка, Катица Јанева, има желба и самата да присуствува на судењата против неа, Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец, СЈО, Републичкото обвинителство и Владата, а кои се водат за 1,5 милион евра, што бизнисменот Јордан Орце Камчев си ги бара назад. Нејзиниот адвокат и син, Лазар Јанев, побара од судот за следното рочиште да упати барање до затворот „Идризово“ за спровод на следното рочиште. Во однос на прашањето зошто се тужени државните институции, одговор нема ниту Сашо Дуковски, застапник на Боки 13. Рочиштето се одложи и ќе продолжи во средината на февруари.
„Тужената има желба да присуствува на рочиштето, но не е дозволено зошто нема барање од судот. Бараме за наредното судско рочиште тоа да биде направено“, рече Јанев, а судијата укажа за можно одолжување на постапката.
„Доколку се обезбедува лице во постапка, морам да посочам дека може да се одолжува постапката и големи се трошоците“, рече судијата.
Адвокатот Дуковски смета дека судењето допрва ќе почне кога ќе се одржи следното рочиште. Нему не му е јасно како бизнисменот Камчев го тужи СЈО, институција што не постои.
„Имаше процесни недостатоци и од тие причини денешното рочиште се одложи за 14 февруари. Видовте дека имаат некаква си изјава од страна на тужителот (Камчев) дека го повлекува тужбеното барање кон четвртотужениот и третотужениот (Милески-Кичеец), кој ја призна вината во кривичната постапка, со кој факт ние првпат денеска се запознавме. Инаку, денешното рочиштето не се одржа. Немаше процесни услови. Се одложи. За тоа во кое својство Камчев ги тужи непостојното специјално јавно обвинителство, Републичкото обвинителство, Владата, Дукоски вели: Тоа е опасно непознавање и за мене. Мислам дека сум долго време адвокат, но тоа е опасно непознавање за мене, а исто така не ми е јасно како може да тужи институција, орган што во моментот на поднесување на тужбата не постои. Секако, мислам на СЈО. Не знам, тоа ќе треба да го прашате него или неговиот полномоштеник, имаат нивна теорија, ние имаме своја теорија за тоа дали може или не може да има тужба“, вели Дуковски.
Поради недоволен број копии од поднесоци на тужените, тужителот и на правобранителот, рочиштето се одложи. На сите им е даден рок од три дена да ги достават сите поднесоци во доволен број примероци по што закажа ново судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.