Македонија
(Видео) Ковачевски: Јас сум предводник на концептот за европска македонска иднина

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, придружуван од генералниот секретар Миле Зечевиќ, денеска заедно со граѓаните на Прилеп и Прилепско присуствуваше на традиционалниот народен собир во манастирот „Свети Димитрија“ во с. Селце.
Во обраќањето пред граѓаните Ковачевски рече дека тој е предводник на конпцептот за Европска Македонија кој значи заштита на македонската традиција и идентитет и сигурна европска иднина, за подобар живот на сите граѓани.
„Државата денеска има два концепти, едниот концепт на чие чело сум јас, тоа е концептот за Европска Македонија. Тоа е концет кој значи европска иднина, со кренати глави, заштитен македонски јазик, заштитен идентитет, да седиме на големата маса во Брисел, рамноправни. Што се потврди сега и со договорот со Форнтекст кој наскоро треба да го потпишеме. И јас го делам чувството на нашиот народ и ми беше тешко во разговорите и тоа го кажав како некој да ве сече со нож во стомакот. Но, на крајот на денот мора да се донесе одлука, да се обезбеди европска иднина. И тоа се очекува од некој што го води својот народ. Другиот концепт е оној на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој концепт ја води земјата во изолација и враќање назад во минатото, да седи народот сам, раскаран со светот, со ЕУ. Имаме многу јасна разлика. Знам дека патот до ЕУ ќе биде тежок но ние сме подготвени и вредни. До 2030 година можеме да станеме членки на ЕУ. На тој пат предизвици ќе има но граѓаните ќе бидат горди, со крената глава и побогати од тоа што се денеска. Тоа е тоа за што јас се залагам. Македонските граѓани заслужуваат гордо и со крената глава да станат дел од европското семејство, со подобар живот, со подобар, европски животен стандард“ – рече Ковачевски.
Тој додаде дека СДСМ е чувар на македонската традиција и предводник на македонската европска иднина.
„Тоа е вистинскиот патриотизам денеска! Ние сме чувари на македонската традиција и носители, предводници на македонската европска иднина. Денеска сите ние сме на вистинската страна, тоа е страната на напредокот, на развојот и интеграцијата“ рече Ковачевски.
Зборувајќи за мерките и политиките на Владата на СДСМ за заштита на граѓаните и компаниите во услови на најголема економска и енергетска криза посочи:
„Двојно ја покачивме минималната плата уште на почеток на мојот мандат. За само неколку месеци пензиите оваа година два пати ги зголемивме за 10% и тоа за сите 330.000 пензионери. Со новата методологија што ја усвоивме, пензиите ќе продолжат да растат и за период од 12 месеци ќе имаме поголеми пензии за 16%. Просечната плата исто така постојано расте. Реализираме два пакети антикризни мерки вредни 700 милиони евра. Во духот на социјалдемократијата ги помагаме ранливите граѓани, оние на кои во криза помошта им е неопходна. Државата субвенционира 80% од сметките за струја за домаќинствата и за 72.000 компании. Обезбедивме доволно храна, енергенси и парно. Никој нема да биде оставен сам во време на криза, заедно ќе се справиме со сите предизвици“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.