Македонија
(Видео) Лашкоска: Прилепчани ќе треба да си замислуваат дека мостот кај Сточен пазар е мост на Босфор?

Мостот кој требаше да биде почнат да се гради пред една година, а пред 2 дена го најави градоначалникот Јованоски предизвика бројни реакции. Во својата изборна програма градоначалникот Јованоски и СДСМ ветија дека ќе градат обиколница во западниот дел од градот. И ако сега градоначалникот алудира дека со изградбата на мостот кај Сточен пазар, во зачеток е изградба на обиколница, мора да кажеме дека и самиот тој е во голема заблуда, изјави Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, еве нему не му земаме за зло затоа што е лекар, но недозволиво е неговите советници да го манипулираат. Дека СДСМ е мајстор за спинување не постои човек на кого не му е јасно па се поставува прашањето дали ќе ја спинуваат и лагата дека овој сега многу популарен мост е дел од обиколницата? Повторувам, ветување кое е дел од програмата на Јовановски и СДСМ.
Мостот кај Сточен пазар е само составен дел од собирна сообраќајница на ул. Трајко Николоски, која ги поврзува локалните улици од населбите кои ја тангираат оваа улица.
Апсолутно не сме против изградба на мост, но со ова решение кое го промовираше Јованоски се решава мостот, а се отвораат сообраќајни проблеми. Ова стеснување – проширување – стеснување, односно од тесна улица ќе се влегува во мост со 4 ленти, па на другиот крај повторно се излегува на тесна улица, може да биде причина за сообраќајни проблеми. Па велосипедски патеки кои кажа дека ќе ги има на мостот…што значи тоа? Луѓето по тесната улица на рамо да носат велосипед, па 20-тина метри на мостот да возат, па повторно велосипедот на рамо, во исто време кога по улицата ќе врват тешки товарни возила?
Дали со изградбата на овој мост главна улица за движење на тешки товарни возила станува улицата Трајко Николоски, а со тоа овие тешки товарни возила ќе поминуваат низ населбите кои ја тангираат оваа улица? Граѓаните на Прилеп, а особено жителите на овие населби ја заслужуваат вистината! Ова нè наведува да мислиме дека единствената и главна цел со изградбата на овој мост е само перење пари!
Градоначалникот и општината означија отпочнување на овој проект точно по една година откако го потпишаа договорот за изградба на мостот. Имено, на 10.5.2019 година градоначалникот потпишал договор со изведувачот и во членот 4 од овој договор стои дека времетраењето на договорот по оваа јавна набавка изнесува 365 дена, или една година. Во членот 2 од договорот стои дека општината на изведувачот за завршената работа ќе му исплати 29.999.140 денари.
На месец дена пред истекувањето на овие 365 дена од првиот договор општина Прилеп, претставувана од градоначалникот Јованоски потпишува нов договор, повторно со истиот изведувач и повторно за истиот мост кој до тој момент воопшто не е почнат да се работи. Вториот договор е потпишан на 9.4.2020 година, значи минатиот месец, и повторно во член 4 од овој договор стои дека времетраењето на договорот по оваа јавна набавка е 365 дена, а вредноста на вториот договор е 13. 999. 517 денари. Тоа стои во членот 2 од вториот договор.
Интересно е што и двата договора се предвидуваат средства за исти позиции. Ако во првиот тендер испуштиле нешто да внесат, зошто тоа не го регулирале со анекс на договор, туку повторно се распишува тендер со кој се предвидува огромна сума средства?
Со оваа сума за мост, ние како граѓани на Прилеп најверојатно ќе треба да си замислуваме дека ова ќе биде мост на Босфор или можеби мост на Темза“, истакна Лашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.