Македонија
(Видео) Мециновиќ: Политички притисок врз членови на Левица од мафијашкиот режим на СДСМ и ДУИ
Притисоците и деградирањата на луѓето кои се поистоветуваат со Левица продолжуваат, како непрекинат притисок врз партијата за да се компромитираат нашите активности, вели Амар Мециновиќ.
„Јавноста е запознаена со оперативната рамка на мафијашката-владејачка гарнитура, која постојано ги користи државните инструменти за саботажа на поединци, движења и партии – но, откако судбината на владејачката коалиција се стави под знак прашалник, мобилизирани се сите средства за нечесно останување на власт“, додава тој.
„Имено, мајката на наша кандидатка за советничка во Град Скопје, која од 2001 година во Фондот за здравствено осигурување работи како деловен секретар со статус на јавен службеник, со последната наредба потпишана од двата директори на Фондот – Стево Крстевски и Фатон Ахмети таа се задолжува на работно место кое се предвидува за службеници со средно образование. Со оваа наредба, таа се деградира – и тоа, бидејќи нејзината ќерка на Фејсбук споделила статус на претседателот на Левица – Димитар Апасиев“, истакна Мециновиќ.
Додаде дека СДСМ и Левица се влезени во обратнопропорционален политички однос и растот на Левица, како што рече, директно влијае на иднината на социјалдемократскиот сојуз – затоа, според него, тие свесно водат немилосрдна битка која не бира средства, знаејќи дека исходот е конечна промена на рамнотежата во левиот политички блок.
„Како работничка партија – Левица уште повеќе добива елан кога номинално левата СДСМ својот бес го истура токму по работничката класа – која непогрешно ќе покаже меѓусебна солидарност кон овие нечесни напади врз поединци, подвлече Мециновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

