Македонија
(Видео) Митревски пак обвинува за тешка измама во ССМ: Трендафилов не може да биде избран за претседател, ЕУ со писма бара мое итно враќање
Поранешниот претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски, побара итно да се прогласи за ништовен изборот на Слободан Трендафилов за нов претседател на ССМ, избран по смртта на Дарко Димовски, оти е прекршен статутот. Покрај ништењето на изборот, Митревски извести дека неколкумина европарламентарци веќе испратиле писма до Владата и до Министерството за труд во кое бараат тој итно да биде вратен на функцијата претседател на ССМ оти е ништовно решението од Фросина Ременски, со кое тој беше тргнат од функцијата оти не е потпишано и од дополнителниот министер во тогашната влада.
Речиси половина час експретседателот на ССМ денес објаснуваше дека изборот на Трендафилов за претседател е скандал.
„Вршител на должност претседател на Сојузот на синдикатите може да стане само претседател на грански синдикат. Слободан Трендафилов, од моја страна, беше примен како правник во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија и беше член на Синдикатот на УПОЗ. По принцип, не знам како воведен, на монархија, по неговото заминување од Синдикатот на градежништвото, станува секретар во Синдикатот на градежништвото. Чудото да е уште повеќе на седницата на претседателство на ССМ, која е свикана спротивно на статутот на ССМ бидејќи може да се свика исклучиво од претседател, доколку не може претседателот, се свикува со овластување некој од претседателството или со две третини од членството. Без разлика на тоа, секретарот на ССМ, инаку пензионер, Златко Цветковски, ја свикува на ‘Вибер’ оваа седница на 8 јуни. Во ист ден се свикува и седницата на Советот, каде што ни помалку ни повеќе за в.д. претседател на ССМ се именува господинот Слободан Трендафилов, кој во никој случај не може да биде. Некои од членовите на претседателството бараат веднаш да ја напушти канцеларијата, а изненадувањето и измамата да бидат уште поголеми, тој се претставува дека е претседател на гранскиот Синдикат на трговијата. Значи, во еден ден очигледно човекот станал и трговец, односно станал трговски работник“, рече Митревски.
Митревски потсети дека според статутот на Синдикатот на трговијата, претседателот може да биде избиран само на изборно собрание, а Слободан Трендафилов покажал дека еден ден пред одржувањето на седницата на претседателството бил наводно именуван за претседател на Синдикатот на трговијата и со тоа ги довел во заблуда членовите што го избрале за претседател на ССМ.
„Повеќето од членовите се воведени во тешка измама и тешка заблуда. Очигледно дека и Синдикатот на трговијата со претходната претседателка, која наводно дала оставка поради пензија, а нема поднесено барање за пензија, направиле тешка измама доведувајќи ги во заблуда повеќето од членовите на синдикатите“, рече Митревски.
Тој апелира Министерството за труд и Владата веднаш да постапат по барањата поднесени од него и од уште неколкумина челнови на Советот и да биде поништен изборот на Трендафилов за в.д. претседател на ССМ. Исто така, Митревски побара Владата и Министерството за труд да постапат по барањата на неколкумина европарламентарци, кои испратиле писмо во кое укажуваат дека тој треба да биде вратен на функцијата.
„ЕУ и неколку претставници, пратеници од Европскиот парламент, ангажираа неколку консултантски куќи и адвокатски канцелари, кои се обратија со писмо до премиерот на Владата, Димитар Ковачевски, со кое бараат мое итно враќање за легитимен претседател на ССМ укажувајќи на неколку значајни активности, пред сè, повикувајќи се на владеењето на правото“, објасни Митревски и нагласи дека денес до Владата ќе биде испратено уште едно писмо од Брисел.
Митревски го смета Трендафилов за нелегитимен в.д. претседател и вели дека не може да потпишува какви било одлуки оти сè уште не е заведен во Централниот регистар. Министерката за труд, Јованка Тренчевска, не го потпишува решението оти исто така се сомнева во изборот.
Слободан Трендафилов беше избран за в.д. претседател на конгрес пред десет дена како единствен кандидат бидејќи дотогашниот претседател Дарко Димовски почина на 45-годишна возраст. Димовски, од изборот за претседател на ССМ од 2017 година, постојано водеше судски постапки со Митревски, кој го оспоруваше и неговиот избор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

