Македонија
(Видео) Мицкоски во име на коалицијата „Обнова за Македонија“ побара Бугарија да не го блокира патот кон ЕУ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во име на коалицијата „Обнова за Македонија“ побара од Бугарија да не го блокира почнувањето преговори со Европската Унија.
По средбата со коалициските партнери, тој посочи дека македонскиот јазик, историјата, македонското малцинство – не смеат да бидат оспорени и мора да бидат почитувани.
„Стоиме на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на Народноослободителната борба и остро се спротивставува на промените на Уставот, кои значат негирање на антифашистичкиот карактер на НОБ. За коалицијата, македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологијата, како и неговата признаеност, се неоспорен историски факт, кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и за овој факт нема дискусија. Коалицијата инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни институции“, рече Мицкоски.
Тој заедно со коалицијата побара почитување на националните херои, кои се бореле за независна и суверена македонска држава.
„Го повикуваме источниот сосед да ги почитува одлуките донесени од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија. Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност и се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои што се бореле за слободна и независна македонска држава. Коалицијата потенцира дека македонскиот идентитет е неоспорен и засебен, има свој посебен правен, историски, политички и културолошки развој. Кон овој став се придржуваат и припадниците на партиите од коалицијата што ги претставуваат етничките заедници кои се поинакви од македонскиот народ“, додаде Мицкоски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ има историска одговорност да ги зачува сите идентитетски обележја. Мицкоски упати и предупредување до власта да не тргува со националните интереси за да не се соочи со судот на народот.
„ВМРО-ДПМНЕ како наследник на историската ВМРО има историска одговорност и обврска да ги штити, зачува и промовира сите идентитетски обележја на македонскиот народ и да се бори за нашата заедничка европска иднина. Сите други партии од коалиција го поддржаа овој став. Коалицијата ‘Обнова за Македонија’ ја предупредува актуелната власт да не тргува со националните интереси, да не ги руши темелите врз кои е изградена модерна историска држава, а кои се создавани од генерации, во спротивно ќе се соочи со судот на народот, историјата и правдата“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој побара и од Бугарија да не ја блокира европската перспектива на Македонија.
„Ја повикуваме Република Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија, туку да ја поддржи и така да покаже вистинско пријателство меѓу граѓаните на двете држави. Коалицијата ‘Обнова за Македонија’ апелира до пријателите и сојузници од ЕУ да се вложат во отворање пристапни преговори за членство во ЕУ и да им овозможат на македонските граѓани од сите етникуми да ја добијат европската иднина што ја заслужија“, порача во своето обраќање претседателот на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.