Македонија
(Видео) Мицкоски: Утре блокади пред Владата и пред МНР
Ова се историски моменти. Ова се моменти кога се одлучува и за иднината на македонскиот народ, македонската нација и македонската држава. Ова се моменти кога се потврдува тезата дека договори потпишани набрзина не само што не се решение туку, напротив, самите по себе претставуваат проблем за иднината на Македонија во рамките на ЕУ. Тоа, за жал, не успеа да го види Зоран Заев и денеска, наместо решение, тоа претставува проблем, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Само политички аматер може да потпише договор во кој критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата. Само политички аматер може да ги донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација во една таква подредена состојба. Затоа, ве повикувам, масовно, без разлика на политичката припадност, без разлика на верската и етничката припадност, утре, во текот на утрешниот ден, почнувајќи од 12.30 часот и завршувајќи во 14 часот, да им се приклучиме на протестите што што се натпартиски, обединувачки и гласно да зборуваме. Гласно да зборуваме против овие погрешни политики на Владата на СДСМ предводена од Зоран Заев.
Ја користам оваа пригода истовремено, да им се извинам на моите сограѓани скопјани за сообраќајниот метеж што ќе се случува во текот на утрешниот ден. Ве молам, имајте разбирање за сето ова што денеска го правиме затоа што ако денеска не успееме, се плашам дека некои идни генерации нема да имаат можност грешката што денеска ќе ја направат Зоран Заев и СДСМ да ја поправат.
А до политичарите сакам една порака да упатам. Немојте да се охрабрите да ги чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебноста, македонската историја, традицијата, обичаите. Немојте да се охрабрите и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија што вие ќе ја потпишете е безвредна.
Следната влада, која ќе биде влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува. Затоа, почитувани сограѓани, утрешниот ден е денот кога треба да сме масовни и гласно да зборуваме. Ве повикувам, уште еднаш, сосема на крај, да ни се придружите заедно да победиме во спасот на македонската иднина и иднината на македонскиот народ“, повика Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.