Македонија
(Видео) Николов: Кога може на судиите, платите да им се зголемат и на докторите и на здравствените работници

Претседателот на Комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов, на прес-конференција побара покачување на платите на докторите и на здравствените работници. Тој нагласи дека ако можело да им се зголемат платте на судиите, тогаш тоа треба да се направи и со платите на оние што се во првите борбени линии во борбата со ковид-пандемијата.
„Здравствените работници, наместо ветеното реално покачување на платата, ќе добијат бонус од 5 проценти, нагласувам 5 %. Пред Ковид-19, за време на ковид-кризата, ветувањата беа секојдневни. Денес сме сведоци дека било само лага до лага“, обвини Николов.
Потсети дека за лекар специјалист властите ветуваа плата 100 илјади денари основна. За медицинарите што работат во ковид-центрите ветуваа инфективен додаток. За специјализантите ветуваа платени дежурства и вработување. Ветувањето беше дека од март платата ќе биде покачена 5 % и нема да биде само еднократен бонус, рече Николов.
„Ова денес е уште едно во низата поигрувања со здравствениот кадар со кој и онака кубуриме. Зарем вака, со благодарници од Лекарската комора и неостварени ветувања и лаги, му се заблагодарувате на медицинскиот кадар?!
Се сеќавате ли што рековте, министре, кога завршуваше најсмртоносниот третиот бран на Ковид-19? Ветувавте покачување на платите на сите вработени во здравството за 5 %. И повторно лагите излегоа на виделина. Било додаток, односно бонус“, изјави Николов.
Toj рече дека и премирот Зоран Заев минатата година ветил покажување за оваа година од 10 проценти на платите на здравствените работници.
„Прашуваме, до кога со лаги?! Вам не ви е грижа за оние што на своите плеќи го понесоа товарот на ковид-кризата. Ним им дадовте ливче во форма на благодарница во соработка со претседателката на Лекарската комора за која има решение од антикорупциската за судир на интереси.
Лекарите и оние што го чуваат здравјето на граѓаните не бараат премногу. Бараат да бидат еднакво вреднувани и ценети, како оние што ја чуваат и делат правдата во земјата. Не ви прилега, за едните бонус од 5 %, а за другите покачување на платата од 15 %. Тоа не ви поминува!“, порача Николов.
Тој нагласи дека Лекарската комора продолжува да молчи и дели благодарници, Синдикатот молчи и обезбедува кредит за своите членови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.