Македонија
(Видео) Николоски: Го потпишавме договорот за изградба на заедничкиот пограничен тунел со Бугарија, железничкиот Коридор 8 има стратешко, економско и безбедносно значење за Балканот и Европа
Железничкиот Коридор 8 е еден од најважните трансевропски транспортни коридори, кој има стратешко, економско и геополитичко значење за целиот Балкан и за цела Европа. Овој Договор за изградба на заедничкиот тунел е сон на многу генерации, историјата сакаше јас и вицепремиерот Караџов да го потпишеме, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на потпишувањето на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8, што се случи на железничката станица во Ѓуешево.
Николоски потенцираше дека ова е многу значаен коридор за Македонија бидејќи ја поврзува земјата со две мориње и има огромо влијание врз зголемување на конкурентност на домашната економија.
Во исто време овој коридор има и огромно безбедносно значење за НАТО Алијансата, рече вицепремиерот Николоски.
„Овој Дoговор е сон на генерации од двете страни на границата, нешто за што сме читалe, нешто за што сме учеле, а тоа дека двете држави, двата главни градови треба да се поврзат со железничка врска. Ние сме силно посветени на неговата изградба и модернизација. Ќе работиме многу сериозно, ќе работиме многу посветено и се надевам дека и за брзо време ќе ги видиме реузлтатите. Јас не сакам да давам ветувања, но она што можам да го ветам е напорна работа и посветеност. Ова е коридор и од безбедносно значење, во услови кога во 21 век се случува нешто што не можевме да го замислиме, имаме војна недалеку воздушно од тука, агресијата врз Украина. И затоа овој коридор е многу значаен кој што е помош на Алијансата со цел да може да помогне на Украина да ја одбрани својата сувереност и територијална целовитост” – изјави Николоски.
Во однос на финансиската конструкција на целиот источен коридро 8, вицепремиерот Николоски истакна дека средствата се обезбедени.
„Средствата се обезбедени. Првата фаза е завршена и ставена во функција оваа година. Втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка се работи во моментов, рокот за изградба е октомври 2026 година. Морам да кажам дека не сум задоволен од изведувачите, но со нашите партнери од ЕБРД ќе бараме заедничко решение како да го надминеме овој проблем. Третата фаза од Крива Паланка до границата се надевам дека со напорна работа со ЕИБ, ЕБРД и со ЕУ, во тек на месец декември да се распише претквалификација за избор на изведувач и избор на надор. Во однос на финансиите, најмалку буџетот за железницата од Куманово до границата е околу 810 милиони евра, за што 200 милиони се грант од ЕУ. Од Куманово до Бељаковце чинеше 79 милиони евра, од Бељковце до Крива Паланка треба да чини 155 милиони евра ако останеме во овој буџет. Од Крива Паланка до граница е околу 455 милиони евра и дополнително имаме 110 милиони евра за сигнализација и електрификација од Куманово до границата, со цел кога ќе се заврши цел коридор да имаме најмодерна сигнализација“, истакна Николоски.
Тој најави дека во скоро време ќе го покани и вицепремиерот Караџов во Македонија на завршување на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, како и на отпочнување на градежните работи на пругата од Крива Паланка до границата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

