Македонија
(Видео) Николоски: Народот спречи Заев сè да потпише

„Бидете горди, еден прв мал чекор е направен. Зоран Заев и неговата предавничка екипа беа спремни уште минатата недела да ја распарчат Македонија. Беа спремни уште минатата недела да капитулираат и да потпишат нешто што Македонец не би ни помислил. Поради вас, поради сите кои излегувате на улиците, на македонските градови и села, таков потпис гледате дека нема, се уплашија од народот, се уплашија од македонскиот народ“, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, од денешниот протест „за оставка на Заев, слобода на народот“.
„Ова е само почетокот, ќе се обидат пак за една недела, за две недели, за еден месец или како што Заев вели, после изборите во Бугарија, кои се во март ,ќе се обидат пак и затоа треба да сме цврсти, обединети и сплотени, да нè има секаде, да го шириме овој дух и оваа енергија. Да ја чуе секој еден којшто сака да нè слушне. Да допреме до секого. Да го извадиме македонското од сите наши граѓани, заеднички да си ја одбраниме државата.
Затоа што како што рекол славниот водач на Илинденското востание, човекот добредојден во европските дворови, човекот којшто на ВМРО му помогна да има интернационална признатост и познатост Борис Сарафов во едно свое познато интервју ‘Ние не сме ни Грци, ни Бугари, ни Срби, ами просто Македонци’ и затоа треба тој аманет од Борис Сарафов 120 години подоцна заеднички да го одбраниме“, додаде тој.
Според Николоски, Македонија, за жал, утре со Зоран Заев и со најнеспособната Влада во историјата на Македонија, а најпредавничката, ќе го добие кој нае по кој ред „датумот“ за почеток на преговори, односно, за жал, Македонија и утре нема да добие датум за почеток на преговори со Зоран Заев.
„Ако имаат малку доблест, и ако имаат малку достоинство утре треба да поднесат оставка сите од прв до последен, цела влада на чело со Зоран Заев затоа што 4 години го лажат македонскиот народ. И да сме на јасно, точно е дека има голема вина во ова што се случува во непринципиелните барања на нашиот источен сосед Бугарија, ама точни се и уште две работи. Првата е кога сте спремен да ја платите секоја цена, ја плаќате највисоката цена. Видоа нашите соседи дека Зоран Заев е спремен да ја плати секоја цена и решија да добија нешто што нивните претходници политичари не би го ни сонувале, решија да добијат нешто што е повеќе од 150 годишна битка на овие простори. И тука апсолутно одговорноста е кај Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шекеринска и останатата екипа со нив.
И втората работа Македонија не почна и не почнува преговори со Европската Унија затоа што во Македонија цветат криминалот и корупцијата. Да се вратиме неколку години наназад, во 2017 година Европската Унија побара реформи со цел во јуни 2018 година да се почнат преговори за членство, познатиот фамозен План 3,6,9 според проценките на Зоран Заев и неговата екипа значи сами се оценуваа го реализираа ни пола, односно само 42 проценти“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.