Македонија
(Видео) НСДП: Квалитетно образование и задоволни просветни работници
За Нова социјалдемократска партија образованието е од стратешко значење за развојот на македонското општество, има национален интерес за државата и затоа мора да биде над сите политички и идеолошки поделби, изјави портпаралот на Централниот изборен штаб на НСДП, Владимир Трајкоски.
„Се залагаме за еднаков пристап до образованието, а со тоа и до еднакви шанси без оглед на социјалната положба. Еден од предусловите за реализирање на оваа цел е основното образование да биде целосно бесплатно, односно родителите да бидат ослободени од плаќање за оброци, екскурзии, училиштен превоз. Од просветниот работник ќе се очекува квалитет кој постојано ќе се следи и поттикнува со постојани доусовршувања, а НСДП како дел од коалицијата МОЖЕМЕ ќе се залага за подобрување на неговиот материјален и општествен статус. Сметаме дека школувањето треба да почне со навршени седум години, да нема испити или полагања до 13-годишна возраст. Посакуваниот врвен квалитет на основното и средното образование е тесно врзан и условен со високо-образовните институции, па затоа ќе се залагаме за врвен квалитет на академскиот кадар, заострување на критериумите за избор на универзитетските професори, соодветна селекција на студенти при запишување на педагошките факултети.
Подеднакво важен столб за општеството и неговиот развој, кој истовремено треба да претставува и инструмент против сè поприсутниот примитивизам е културата. НСДП се залага за нов закон со проширена листа на објекти за заштита и конзервација, како и прецизно утврдени услови, функции и надлежности на државните институции, независно дали се работи за материјално или нематеријално културно наследство. Сметаме дека треба максимално да ги користиме можностите кои ни ги пружаат УНЕСКО, ИПАРД, Иницијативата „17 +1“. Потребата за поголема афирмација на нашата култура, треба да биде потпомогната со проширување на мрежата на културни институции во земјава, како што е на пример отворање музеј и библиотека во секое поголемо населено место, со формирање нови културно-информативни центри во странство, како и со ангажман на културните аташеа во дипломатско-конзуларните претставништва во соседството и светските метрополи“, истакна Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.