Македонија
(Видео) Пендаровски: За справување со енергетската криза, на земјите од Западен Балкан им треба пристап до механизмите на ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Брдо кај Крањ учествуваше на 11. состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на кој се дискутираше за актуелните клучни теми во регионот и Европа, за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, за безбедносната состојба и руската агресија врз Украина, како и за мерките и начините за справување со енергетската и економската криза со кои се соочуваме, како последица на војната во Украина.
Проширувањето на Европската Унија, посочи претседателот Пендаровски, придонесува за одржување на мирот и стабилноста во нашиот регион, за подобрување на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи, и затоа е неопходно забрзување на интеграциските процеси на сите земји од Западен Балкан. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази очекување претстојниот состанок на Европската политичка заедница, што треба да се одржи во почетокот на октомври, да придонесе за натамошно забрзување на интеграцијата.
Лидерите го поздравија официјалниот почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и ги повикаа институциите на Европската Унија да преземат дополнителни храбри одлуки во врска со интеграцијата на преостанатите земји од Западен Балкан.
Во рамки на дискусијата, претседателот Пендаровски посочи дека Босна и Херцеговина го заслужува кандидатскиот статус за ЕУ, а Косово безвизниот режим и изрази очекување за натамошна силна поддршка од страна на Словенија и Хрватска во евроинтеграциските процеси на земјите од Западен Балкан.
Претседателот Пендаровски потенцираше дека на земјите од Западен Балкан им е неопходен пристап до механизмите на ЕУ што поскоро, како поддршка за справување со претстојната енергетска криза, и посочи дека економската и социјалната криза може да предизвикаат повеќегодишна политичка криза и да генерираат дополнителна нестабилност. Со цел да се ублажат негативните ефекти од војната во Украина, претседателот Пендаровски апелираше на засилена соработка и дијалог.
На крајот претседателот Пендаровски посочи дека земјава е подготвена наредната година да биде домаќин на Брдо – Бриони Процесот.
На состанокот во Крањ на покана на словенечкиот и хрватскиот претседател, Борут Пахор и Зоран Милановиќ, учествуваа претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, Милорад Додик и Жељко Комшиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.