Македонија
(Видео) Петровска и Спасовски: Безбедноста на државата и граѓаните е наш приоритет, армијата и полицијата се развиваат, а европската интеграција останува клучна

Развојот и модернизацијата на Армијата, трансформацијата на полицијата, како и европската интеграција на земјата, која е и клучно безбедносно прашање, беа темите на кои на денешниот втор ден од годишната конференција „Година на европски можности“, во вториот панел „Република Северна Македонија – безбедна членка на НАТО со европска иднина“, дискутираа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. На панел-дискусијата свои излагања имаа и поранешниот началник на Генералштабот, генералот во пензија Мирослав Стојановски, поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, и политичкиот аналитичар Сефер Селими.
Министерката за одбрана, Петровска, истакна дека членството во НАТО дојде во вистинско време и дека за тоа беа потребни храброст и донесување вистинска државничка одлука.
„Ниту една одлука ниту еден процес не може да биде завршен ако не се донесат вистински одлуки во вистинско време. Одлуката за нашето зачленување во алијансата, односно она што во 2018 година значеше потпишување на преспанскиот договор, а потоа и уставните измените што следуваа, се покажа како вистинска, мудра одлука, во вистинско време, со која, всушност, се обезбеди иднината на нашата држава. Со оглед на тоа каква беше атмосферата во февруари 2022 година и прашањата што беа поставувани од јавноста дали државата е безбедна, граѓаните полека, но сигурно го сфаќаат значењето во воена, но и во политичка смисла што значи да се биде земја членка на НАТО. Како министер за одбрана на тоа прашање можев да одговорам дека Република Северна Македонија е безбедна од аспект на конвенционални закани затоа што е земја членка на алијансата“, рече Петровска.
Министерката се осврна на растот на одбранбениот буџет, кој годинава изнесува 2,05 % од домашниот бруто-производ, како и на процесот на модернизација на Армијата, кој е поддржан од речиси една третина од одбранбениот буџет за 2024 година. Освен инвестирањето во одбраната и новата и модерна опрема, Министерството е посветено и на растот на стандардот на припадниците на Армијата и службениците во одбраната, рече Петровска. Додаде дека придобивките од членството со НАТО се видливи и во делот на економијата преку отворањето на можноста за македонските компании, кои сега имаат пристап до НАТО-пазарот.
На прашањето зошто европската интеграција е безбедносно прашање, министерката Петровска се осврна на фактот дека европската интеграција е стратешки приоритет на земјите од регионот и дека е прашање околу кое сите земји се обединети.
„Европската интеграција на земјите од регионот е точка на поврзување на сите земји од регионот. Имајќи го предвид минатото и што сè се случуваше на Балканот, токму помеѓу сите земји од регионот, европската интеграција денес е прашање околу кое сите ние се обединуваме, без оглед на различностите и разликите што постојат внатре во државата, меѓутоа и во државите во регионот“, заклучи Петровска.
На прашањето на модераторката Слободанка Јовановска, што ќе се случи ако по изборите не пројдат уставните измени, министерката Петровска истакна дека ќе се репризира 11-годишната изолација кога не беа приоритети осовременувањето на армијата и полицијата, туку жалните врби во Вардар и гипс-картоните.
„Уставните измени треба да поминат. Јас уставните измени не ги гледам како диктат, тие овој пат воопшто не се политички тешки како што беше промената на уставното име бидејќи сега зборуваме за континуитет, за она што веќе во Уставот го има, каде што додаваме уште неколку покрај другите припадници на делови на народи што живеат во нашата држава“, рече министерката и уште еднаш потенцира дека уставните измени ги гледа како волја да се продолжи процесот на европска интеграција.
Петровска рече дека бенефитите од европската интеграција се многу поголеми од отстапките, кои голем дел од земјите членки ги направиле во текот на интеграцијата и ги повика сите политички партии пред изборите да кажат кој е нивниот план со точни чекори што ќе бидат преземени во овој контекст.
Министерот за внатрешни работи, Спасовски, се осврна на развојот на полицијата во изминатиот период, кои имаат цел создавање мотивирана полиција, која ја гарантира безбедноста на граѓаните.
„Со реформските процеси на оперативно рамниште 2023 година ја завршуваме со завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, со инвестирани 17 милиони евра, но почнат е реконструкциски зафат на управните служби во МРТВ, како и основни подготовки за почнување активности во Центарот за обука во Идризово. Покрај реконструкциите, годинава можеме да се пофалиме и со два нови објекта по веќе функционалниот ИКТ-центар во Прилеп, а тоа се: најсовремената форензичка лабораторија на Балканот во рамките на Одделот за форензички испитувања и новата полициската станица Аеродром, чија изградба ја почнавме од темел.
По издвоените 13 милиони евра, со кои во изминатите години се набавија униформи, чевли и опрема за сите организациски единици во МВР со 35 % зголемени плати со над петте покачувања на платата за сите, но и 4 дополнителни покачувања за одредени категории работни места, како и 6 редовно исплатени бонус плати, со една единствена цел – создавање задоволна и мотивирана полиција, која ја гарантира безбедноста на граѓаните“, потенцира министерот Спасовски.
Во однос на соработката на МВР со меѓународните партнери и агенции, Спасовски посочи на извештајот на Европската комисија во делот на Поглавјето 24, каде што е нотиран напредокот во управувањето со миграциските текови.
„Токму напредокот во управувањето со миграциските текови беше нотиран и во извештајот за напредокот на ЕК, во делот на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, чиј носител е МВР, како и усогласеноста на правната рамка за миграција со стандардите на ЕУ. На мое задоволство во него е забележан и напредок во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, потоа континуитет во добрата оперативна соработка во борбата против организираниот криминал со земјите членки на ЕУ, соседните земји, кои не се членки на ЕУ, Европол и Европравда, како и позитивен тренд во спречувањето на трговијата со дрога.
Министерството за внатрешни работи е со целосна поврзаност во европските текови на размена на информации со европските безбедносни агенции и соработка во борбата со транснационалниот криминал во остварување на безбедноста на своите граѓани, што е предуслов за обезбедување просперитет и напредок за сите. И 2024 ќе продолжи да биде година на европски можности“, дециден беше министерот Спасовски.
Генералот Стојановски во своето излагање направи ретроспектива на развојот на Армијата од нејзиното основање во 1992 година, при што истакна дека забрзаниот развој на Армијата почнува од 1995 година кога земјата се приклучи на програмата на НАТО, Партнерство за мир. Генералот Стојановски посочи дека последните неколку години беше направено многу во доменот на стандардот на вработените, што се рефлектира и на интересот за воената професија. Поранешниот началник на Генералштабот ги наброи клучните придобивки за државата од членството во НАТО, стратешка цел на која во претходните години интензивно работеа исклучителни професионалци во Министерството и Армијата.
Професорот Нано Ружин како експерт и поранешен амбасадор на НАТО ги потенцира и посетата на министерот Спасовски на САД и потпишувањето на десетгодишниот патоказ за воена соработка меѓу САД и Северна Македонија како унапредување на стратешкото партнерство со САД, кое е бенефит за нашата држава веќе 30 години и кое продолжува да се продлабочува и да расте.
Аналитичарот Селими истакна дека во последните години довербата на граѓаните во полицијата расте и порача дека граѓаните отсекогаш имале значајна доверба во припадниците на Армијата зашто тие секогаш биле првите на терен што им помагаат при секаква потреба. Селими истакна дека ова, меѓу другото, се должи и на подобрената соработка на безбедносните институции со невладините организации, медиумите и јавниот сектор, која е од витално значење за постоењето на една функционална демократија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.