Македонија
(Видео) Петрушевски: Институциите да го повикаат на распит Јон Фрчкоски, а Филипче да каже како поставил лице уживател на дрога на партиска функција

Фрапирачки е како Венко Филипче како лекар, хирург, молчи за конзумирањето дрога на Јон Фрчкоски, лице кое тој го постави за партиски функционер. Дали Венко Филипче како лекар, но и како претседател на СДС го осудува конзумирањето на дрога од страна на Јон Фрчкоски, прашува Бране Петрушевски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Има, вели тој, јавно признание како нивен партиски функционер конзумирал дрога на работно место.
Дополнително праша, зошто Венко Филипче молчи и се крие, обидувајќи се да го сокрие овој мега нарко скандал.
„Ги повикуваме надлежните институции да го повикаат на распит Јон Фрчкоски.
Дали Јон Фрчкоски конзумирал дрога кога водел институција како помошник директор во ПУИГ, или е сега кога водел орган во СДС?
Доколку Јон Фрчкоски конзумирал дрога додека бил помошник директор на ПУИГ, дали и како тоа влијаело на неговите одлуки како директор?
Институциите треба да го проверат работењето на Јон Фрчкоски како помошник директор, и дали тој додека бил во состојба под психотропни супстанци ја оштетил институцијата“, кажа Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Триото Трендафилов, Деановски и Пешевски, заедно имаат месечни примања околу 5.000 евра

Триото Трендафилов, Деановски и Пешевски, заедно имаат месечни примања околу 5.000 евра, или над 3 милиони денари годишно, немаат претстава како му е на обичниот работник. Триото Слободан Трендафилов, Трпе Деановски и Иван Пешевски, кои се продолжена рака на триото СДС, ДУИ и Левица, продолжуваат да работат по нивните насоки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дека работниците немаат веродостоен претставник во ССМ се докажува секојдневно од страна на ова трио, кое одработува за политиките на опозицијата. Синдикалците на батерии не го интересира работникот, туку ги интересираат нивните милионски примања кои ги добиваат во вид на плата и други додатоци. Овие лажни синдикалци работат исклучиво по насока на опозицијата, а доказ за тоа е нивниот молк. Прашањето е зошто Пешевски, на минатата власт, која самиот тој вели дека за една година од 2023 до 2024 ги зголемила трошоците за живот за 200 евра, не излегоа на протест и тогаш да им побараат на истите тие кои ги бранат денес, зголемување на минималната плата за 200 евра? Зошто тогаш ССМ на чело со Трендафилов, не повика на протести, туку само мудро премолчуваат.
Трендафилов, Пешевски и Деановски ги интересираат само парите и поволностите кои следуваат во нивните синдикати, добивајќи ги парите од истите оние работници, кои поради нивната дволичност изминативе години, имаат ниски примања. СДС го насади ова трио по синдикатите, местејќи ги на позиции со огромни плати, кои ги добиваат од работниците кои земаат минимални плати, а потоа лицемерно бараат неаргументирано и неанализирано зголемување на платите. Милионските суми кои ги добиваат во само една година, директно од работниците кои членуваат во синдикатите, се во вид на плати кои се за 3 или 4 пати поголеми од минималната плата, а плус на тоа добиваат и останати финансиски додатоци, во вид на договори на дело. Прочитани се синдикалците на батерии. Владата ги зголемува платите на сите полиња, а тие ниту еднаш не го поздравија тоа, тврдат од партијата.
Македонија
Плата до 5-ти и породилно отсуство од 18 месеци – предлозите на Левица утре на дневен ред

После, за нас, неразумниот и неодговорен ‘платен распуст’ на пратениците, на седницата закажана за утре (вторник) ќе се најдат два предлог-закони поднесени од пратеничката група на Левица:
„Задолжителна исплата на платата до 5-ти наместо до 15-ти во месецот, затоа што работникот не смее да биде оставен во неизвесност, присилен да зема брзи кредити, да влегува во дозволени минуси или да се изложува на позајмици со високи камати додека чека половина месец за парите што чесно ги заработил;
Зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, со цел подобрување на социјалната и економската заштита на мајките и семејствата, нивно психофизичко закрепнување и развој, како и градење на здрава врска без страв од финансиска несигурност. Секое дете заслужува стабилен почеток во животот, а секоја мајка право на достоинствено мајчинство“, велат од Левица.
Како што велат од партијата, овие предлог-закони се само поднесени од пратеничката група на Левица, а се произлезени директно од потребите на народот. Дополнително, овие законски решенија не претставуваат светски феномен, туку се компаративно познати и пожелни во други европски земји.
„Оттука, доколку продолжи партиската суета на владејачкото мнозинство составено од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ, и овие предлози не бидат изгласани – тоа ќе биде удар врз оние коишто им го дале мандатот, народот, а не врз Левица. Досега мнозинството предводено од ДПМНЕ не гласаше за ниту еден предлог на Левица, тие без дебата и разумни контра-аргументи ги одбиваа сите предлози. Пратениците ги потсетуваме дека предлозите се во интерес на граѓаните, а не на политичките партии. Одбивањето на вакви законски решенија, само затоа што доаѓаат од Левица, не е политика – тоа е непочитување на работниците и семејствата пред кои секој пратеник одговара“, завршуваат од Левица.
Македонија
Охрид СОС алармира за изградба на хотел во Горица

Во извештајот на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО која престојуваше во Охрид минатиот март стои: „Додека мисијата се приближуваше кон Охрид, на пошумениот рид Горица забележа уште едно градилиште. Се работи за изградба на уште еден хотел во област која порано беше пошумена, но во која прогресивно се градеа туристички капацитети. Центарот за светско наследство не беше известен за изградбата на овој нов комплекс пред да се донесе одлука за негова изградба, како што налага став 172 од Оперативните насоки.” Експертите констатираат дека по усвојувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, градежните активности во Охрид продолжуваат уште поенергично, дури и во области каде што урбанизацијата не смееше да продолжи, како на пример на ридот Горица.
Мисијата побарала информации и постоечката проектна документација, вклучително и извршената проценка на влијанието, да бидат доставени до Центарот за светско наследство со цел да бидат анализирани од страна на советодавните тела.
Во април 2024 во извештајот до Центарот за светско наследство и советодавните тела, Охрид ЅОЅ достави подетални информации за хотелскиот комплекс.
По РММ, во јули 2024 следеше годишната седница на Комитетот за светско наследство од што произлезе Одлуката 46 COM 7B.44. Оние седнатите во државните и општински столчиња не ги информираа граѓаните дека во точка 10 Комитетот „ја повикува државата членка Македонија да ја запре изградбата во близина на Студенчишко Блато, комплексот Горица Север и Горица 3 сè додека не се направи стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и оцена на влијанието врз наследството за секој од проектите.” Не го информираа ни УНЕСКО кога во Извештајот за напредокот (условно кажано) од 31.1 2025 година не напишаа НИТУ ЕДЕН ЗБОР за било какво постапување во однос на Горица.
Или во превод: Државата постапува спротивно на преземената и законски обврзувачка Конвенција на светското наследство. Но, што е законот за шака моќници?!
Така, ароганцијата на задолжените во владата на оваа „на ти го – дај ми го” држава си го допуштила комодитетот да покажат среден прст на Центарот за светско наследство, експертските тела на ИУЦН и ИКОМОС и Комитетот за светско наследство. Бидејќи во оваа небиднина, поважно е да се наполни својот и џебот на Мијалков, Илоски, Усеини… (дополнете согласно наоѓање), одошто да се зачува 1,5 милиони години старо езеро.
А вие, продолжете мирно да молчите“, велат од Охрид ЅОЅ.