Македонија
(Видео) Пресуди за „Трезор“: Мијалков осуден на 8 години затвор, а бегалецот Грујевски на 15 години

Првообвинетиот и ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на осум години казна затвор во случајот „Трезор“.
Во отсуство поради бегство, пресуда е донесена и за поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој доби 15 години затвор.
На второобвинетиот, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, изречена му е казна затвор од пет години. На поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, судот му изрече затвор во траење од пет години.
„Судот се убеди дека обвинетите ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар. Умислено ги сториле кривичните дела, а договорите биле склучени во корист на ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје. Сведокот Јордан Камчев ги потврди околностите дека бил сопственик на ‘Финзи’ ДОО САД, кој рече дека Жарко Луковски сакал да ја преземе и да работи со компанијата, па ја затворил пред 10 години. Обвинетиот Сашо Мијалков ги потврди блиските релации што ги имал со Јордан Камчев. Судот ја ценеше и одбраната на другите обвинети“, рече судијката Џенета Бектовиќ.
Четворицата се прогласени за виновни бидејќи судот цени дека тројцата го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тони Јакимовски е осуден за помагање.
Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.
„Сите заедно ја искористиле службената положба и овластувањето. Тони Јакимовски им помогнал и прибавиле имотна корист и му нанеле имотна штета на буџетот на РМ. За да набават опрема за потребите на УБК/МВР, прво-, второ- и третообвинетиот оствариле состанок со претставниците на ГАМА во Обединето Кралство и набавиле опрема за потребите на УБК. Во текот на подготовките за набавка на опремата одлучиле опремата да ја набават преку фирмата ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје. Договорено било набавката да се изврши преку ова лице, кое Жарко Луковски и Сашо Мијалков го користеле за реализација на зделки. Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски усно му наложиле на Ѓоко Поповски да почне со постапка за набавка на опрема од ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје. Тој изготвил покана, а од ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје испратиле понуда. Од страна на службите на УБК е изготвен договор од УБК/МВР за купување на опремата. Потоа, склучен е договор за купопродажба. Иако немало потреба за одржување на телекомуникациската опрема, било направен допис до МВР дека е потребно да се одржува набавената опрема и тоа да продолжи да го прави ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје. Доставена е покана до фирмата, а тие испратиле понуда со спецификација за временски период од две години. Помеѓу МВР и ‘Финзи’ е склучен договор за извршување услуги за да му се плаќа авансен паушал“, рече судијката Бектовиќ.
Во завршниот збор Обвинителството истакна дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма посредник – „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет во случајот „Трезор“, според неговата одбрана, во јули 2010 година во Лондон не договарал набавка на опрема за потребите на УБК. Адвокат Љупчо Шврговски во своите завршни зборови му предложи на судот да донесе ослободителна пресуда за неговиот клиент тврдејќи дека јавните обвинители не го докажале обвинението.
Случајот „Трезор“ го води судијката Џенета Бектовиќ, а застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презеде предметот од поранешното СЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.