Македонија
(Видео) Сеад Кочан осуден на 6 години затвор, Авировиќ на три години

Бизнисменот Сеад Кочан е осуден на шест години затворска казна во предметот „Труст“ на СЈО, а Василије Авировиќ на три години. Тие се осудени за злоупотреба на постапка за јавна набавка. И двајцата добија забрана за вршење дејност и да бидат управители или одговорни лица на правно лице во траење од 3 години. Третообвинениот во предметот, Сафет Ватиќ, е ослободен од обвинението, како и неговата фирма „Вато“ ДООЕЛ.
Василије Авировиќ не беше присутен на изрекување на пресудата. Според неговата одбрана, тој не се чувствувал добро.
Правните лица „Трансмет“ и „Силекс неметали – Кратово“ добија парична казна од два милиони денари која треба да ја платат во рок од 30 дена од изрекување на пресудата. И двете фирми добија забрана за учество во јавни набавки за три години. Судот определели за нив и конфискација на имот од 1 милијарда и 60 милиони денари.
Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и двете правни лица беа обвинети за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Судењето почна во ноември 2017 година и траеше 8,5 месеци. Според обвинението, обвинетите со фалш документи учестувале и добиле тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. Обвинетите на ЕЛЕМ му доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет. Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека не сториле никакво кривично дело. На судењето беа преслушани и 13 бомби, а беше изведена и сметководствена и друга документација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: За состојбата со депониите во Скопје виновни се кадрите на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ обвини дека Скопје е задушено во чад поради горење на депониите и дека граѓаните со сопственото здравје ја плаќаат цената на, како што велат, неспособноста и лагите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Даме Димитровски, советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина и поранешен претседател на комисија на ВМРО-ДПМНЕ, воедно е и претседател на Управниот одбор на „Дрисла“.
„Ќе побара ли сега Мицкоски одговорност од него?“ прашуваат од СДСМ и додаваат: „ВМРО-ДПМНЕ имаше и директор на Дрисла – Јане Мицевски, човек без никакво соодветно искуство, магистер за туризам и менаџмент.“.
Тие потсетуваат дека со депонијата Вардариште со децении управувале градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, како и дека партијата и нејзините кадри пред четири години ветувале фабрика за селекција на отпад во „Дрисла“, затворање на Вардариште и „зелена зона“ со рекреативни содржини, но ништо од тоа не е реализирано.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не само што не решија ништо, туку ги оставија депониите да го трујат градот. Вината за еколошката катастрофа е кај нивните кадри и градоначалници,“ стои во реакцијата на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го прозва Коцевски: Не молчете за незаконското следење на Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ побара Јавното обвинителство и обвинителот Љупчо Коцевски веднаш да реагираат и да спроведат темелна и транспарентна истрага за, како што велат, незаконското следење на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари, бизнисмени и други функционери.
„ЈО и Коцевски повеќе да не молчат, туку да откријат кој ги злоупотребил АНБ и АР за политички пресметки и кој наредил да се следи претседателот Мицкоски,“ се наведува во соопштението.
Од партијата обвинуваат дека последните пет години службите биле под партиска контрола на СДСМ и ДУИ и дека институциите биле злоупотребувани за теснопартиски интереси. „СДС и ДУИ со тоа нанеле директен удар врз демократијата и правната држава,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението, молкот на ЈО и на Коцевски претставува „соучество и организирано прикривање“ на незаконското следење.
Македонија
Шабан Салиу – кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари официјално е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

На свечена церемонија во Скопје, претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу го стави својот потпис на документот „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“. Со овој чин, ДСР и официјално станува дел од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Коалицијата обединува 25 партии кои ја рефлектираат мултикултурната и мултиетничка структура на нашето општество. ДСР влегуваат во ова здружување со силна заложба да го засилат политичкиот глас на ромската заедница и да обезбедат рамноправен пристап до јавните ресурси во сите општини, а особено во Шуто Оризари – единствената ромска општина во светот’, велат од партијата.
За нив, како што додаваат, ова е историска можност: речиси сите општини каде живеат Роми ќе добијат директен партнер и во локалната и во централната власт и јасен пат кон одржлив развој.
„Само преку солидарност и обединување ќе ги реализираме проектите што ќе донесат подобра инфраструктура, нови училишта, унапредени здравствени услуги и работни места за нашите семејства“. изјави Салиу.
Со потпишувањето на Декларацијата, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува на инвестиции во клучни сектори: обновување на улици и водоводна мрежа, изградба на социјални станови, поддршка за локалните претприемачи и зелени технологии.
Во претстојните недели, Демократските сили на Ромите ќе организираат јавни трибини низ Шуто Оризари и другите општини, каде што, како што најавија, ќе презентираат конкретни планови и ќе ги слушнат приоритетите на локалните заедници. Салиу ги повикува и сите жители на општината без разлика на партиската припадност да се приклучат во заедничкото дефинирање на проектите што ќе ги менуваат животните услови во нашите населби.
ДСР и коалицијата „Твоја Македонија“ даваат взаемна поддршка за кандидатите за градоначалници, вклучувајќи го и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.