Македонија
(Видео) Силјановска-Давкова: Нам не ни требаат туѓи глетки, туѓи фотографии, зашто нашите го одземаат здивот

Нам не ни требаат туѓи глетки, туѓи фотографии, зашто нашите го одземаат здивот. Знам зошто Константин Миладинов тагувал за југот, ваквите глетки ги носел во срцето и душата, спремен бил и да умре, ама среде ваква убавина, изјави Гордана Силјановска-Давкова.
„Тука човек помислува на победата на 15 јули. За да почне нова македонска ера, сè што ќе правиме, ќе биде во хармонија со убавината. На 15 јули ќе зачекориме во ера од која нема да се срамиме, ера што ќе ја споменуваат по добро, ера што ќе биде пресвртница кон нови демократски чекори што никој не ќе може да ги запре“, порача Силјановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филков: Советот за следење на реформите во правосудството ќе има задача да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати

Денеска се одржа конститутивна седница на Советот за следење на реформите во правосудството кој има мандат да ја следи имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудството (2024-2028) со Акциски план и Реформската агенда 2024-2027 во делот 5 Фундаментални вредности/Владеење на правото.
Министерот за правда Игор Филков кој претседаваше со седницата рече дека со формирањето на единствен Совет за следење на реформите во правосудството кој го обединува следењето на двата најзначајни документи, ќе се овозможи координативен, ефективен и ефикасен начин на следење.
,,Ќе се постапи по препорака од претходен ревизорски извештај и ќе се избегне формирање на паралелни совети со состав од претставници од исти органи, што непотребно би довело до зголемени трошоци, извештаи со различни податоци и трошење на ресурсите и непочитување на начелото на економичност во постапувањето на институциите”, потенцира Филков.
Советот ќе овозможи координиран пристап до преземените мерки и активности во насока на напредокот на државата, ќе обезбеди усогласеност и континуитет на реформите во правосудството и ќе претставува тело кое ќе обезбеди транспарентност, континуитет и отчетност во процесот на спроведување на реформите. Ќе има задача да ја следи имплементацијата на реформите, да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати и да дава стручни мислења преку своите членови – експерти од правосудството, академијата и граѓанскиот сектор.
Членови на Советот се високи претставници на Владата, правосудните институции, граѓанскиот сектор и докажани експерти.
Македонија
Делегација на Царинската управа во посета на Србија: олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ

Соработката меѓу македонската и српската царинска служба продолжува со конкретни резултати и нови договори за унапредување на заедничкото работење. Во оваа насока се одржа билатерална средба помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски и директорот на Царината на Србија Драгиша Петровиќ, заедно со делегации од највисокото раководство од двете страни, информираат од Царинската управа.
На денешната средба во Белград беа потврдени придобивките од досегашните активности – заедничките контроли со едно запирање на граница, взаемното признавање на овластените економски оператори, размената на податоци, како и меѓусебното признавање на белешките од мерење на товарните возила.
Ваквите билатерални средби претставуваат важна алатка за градење стабилни и долгорочни партнерства, како и можност за договор на нови чекори за забрзување на движењето на стоки и побрзи процедури на граница во насока на зголемување на конкурентноста на економиите на двете држави.
Во текот на дискусијата, двете страни се согласија за продлабочување на соработката при имплементацијата на новите царински ИТ системи, како обврска за напредок во процесот на европска интеграција; воспоставување на контакт точки со цел побрза и поефективна размена на оперативни и разузнавачки информации во реално време; дополнително олеснување на царинските постапки во согласност со Акциониот план за Заеднички регионален пазар и постапките во рамки на договорот за контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце како и соработка во организирање на заеднички обуки, работилници и консултативни состаноци.
„Нашата цел е јасна – олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ“, истакна директорот Николовски.
Директорот на Царинската управа на Србија, Драгиша Петровиќ, се согласи дека понатамошната соработка помеѓу двете институции ќе придонесе за целокупен напредок на двете држави и регионот.
Македонија
(Видео) „’Вардариште’ и ‘Дрисла’ – симболи на распадот во системот за отпад, а ВМРО-ДПМНЕ без решение“, вели Шукова

„По Вардариште, пожарот на Дрисла ги докрајчи жителите на Скопје. Ова е најдобар доказ за неодговорното и неспособно управување на ВМРО-ДПМНЕ со градот. Четири години немаат никакво системско решение за управување со отпадот, додека ризикот по здравјето на скопјани расте секој ден. Наместо конкретни мерки, добивме само популизам и празни ветувања“, рече Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ.
„Додека градот се гуши во ѓубре и чад, тие одржуваат прес-конференции за нереални фестивали, паркови на контаминирано земјиште за евтини партиски поени. Но, град не се води со флоскули.
Орце Ѓорѓиевски веќе со денови се крие и одбегнува соочување со граѓаните. Дали навистина мисли дека може да управува со Скопје со нереални ветувања? Проекти како „парк на Вардариште“ се класичен пример за краткорочен популизам, кој не допира до суштината на проблемот.
Вардариште и Дрисла станаа симболи на хаосот во управувањето со отпад – хаос што ВМРО-ДПМНЕ не знае, не може и не сака да го реши.
Мојот план е јасен. СДСМ има конкретно и одржливо решение за Вардариште и за управувањето со отпадот во Скопје:
Итно оградување и заштита на просторот на Вардариште, со контролиран пристап исклучиво за службите на комунална хигиена.
Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување за спречување пожари и вандализам.
На среден и долг рок: изградба на нова претоварна станица според европски стандарди, како дел од систем за целосно управување со отпад – од собирање, преку селекција, до финално депонирање во Дрисла.
Безбедноста, деконтаминацијата и изградбата на модерен систем се клучни за долгорочно решение.
Го повикувам уште еднаш Орце Ѓорѓиевски на јавно соочување. Ајде да им покажеме на скопјани кој има реална визија и план. Овој проблем не бара популизам – туку одговорност и работа. Здравјето на граѓаните мора да биде приоритет број еден“, изјави Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ.