Македонија
(Видео) Силјановска со критики: Ако промената на Уставот е евроинтегративен фактор, ние ќе претседававме со ЕУ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/08/Screenshot-2023-08-18-at-13.17.31.jpg)
Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова ги критикува уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот. Таа им рече на премиерот Димитар Ковачевски и на гостите од Владата присутни во салата со 61 пратеник да ги донесат измените, како што тоа го направиле кога гласаа заклучоци наместо преговарачката рамка. Според неа, ова што се бара од Македонија е спротивно на европските вредности, без кои Европската Унија нема да биде политички систем, туку машинерија на комесари. Децидна е: „Не можеме именик да правиме од преамбулата, патот до Брисел не може да води преку Софија“.
„Никогаш и никаде преамбулата не била гаранција или место за промоција на етнички идентитети, туку таа е филозофијата на Уставот, духот, метафизиката. Е, господа, духот го нема. Кога нешто менувате, не поради граѓаните и демократијата, туку поради тоа што некој што е заштитен тоа го бара, вие станувате ‘фауст’. Нормативниот дел го изгуби духот“, рече Силјановска-Давкова.
Таа рече дека легитимитетот за уставни измени го даваат граѓаните, а не Европската Унија.
„Прашањето е од кого ни извира легитимитетот за уставните измени, од граѓаните или од Европската Унија? Од каде го добивте легитимитетот? Да ве потсетам дека суверенитетот им припаѓа на граѓаните. Не треба ли да ги прашаме дали се за ваква измена? Вие, господа, гости од Владата, ги прифативте уставните измени и се согласивте да влезете во преговарачката рамка преку протоколот, ама заборавивте дека не сте законодавен орган и не можете законодавни обврски да преземете“, додаде таа.
Потсети дека од 2009 година Македонија добила најмалку 15 „да“ од ЕУ и ЕК. Немало забелешка од Бугарија.
„Јас честопати ги лажам студентите дека Уставот треба ретко да се менува со раце што треперат од одговорност, ама рацете ги искршија одредени пратеници во овој парламент менувајќи го Уставот. Ако промената на Уставот е евроинтегративен фактор, ние ќе претседававме со ЕУ. Ама сè уште не е така“, посочи Гордана Силјановска-Давкова.
Таа рече дека не смее да се зборува за изолација од страна на ЕУ.
„Не можам да не кажам и да ги потсетам пратениците од СДСМ на еден гуру Јирген Хабермас (германски филозоф и социјален теоретичар) кога зборува за уставен патриотизам. За жал, него го нема, но бевме сведоци дека Европа нè чекаше нас, односно претседателот на Собранието зад мене, кој нема никакво разбирање за уставен патриотизам. Се однесувавте како Гари Купер и дојдовте точно на пладне иако требаше да почнеме во 11 часот. Моето прашање е, што би рекол господинот Бадентер, некогашниот претседател на ЕК, кој ги оценуваше уставите, кога препорача да се усвои амандман на Уставот во кој ќе напишеме дека немаме територијални претензии и дека портите на европската заедница за нас ќе бидат отворени. И така, како во 101 приказна, истото го слушаме“, додаде пратеничката.
Децидна е дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се против ЕУ и Бугарија. Посочи дека таа има забелешка на сите три амандмани.
„Лаички е пристапот, дури и насловот е погрешен. Никаде нема устав во кој се зборува за делови од народи во кои се зборува за заштита на дијаспори надвор, па ние ќе ја штитиме бугарската дијаспора надвор, која е во вековен судир со македонската најава. Образложението ви е уставна катастрофа. Се повикувате на универзалната декларација за слободите и правата наместо на рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и на конвенцијата за регионални и малцински јазици. Каде ви се тие експерти аматери?“, праша Силјановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.