Македонија
(Видео) Снимката за „Поткуп“ трипати е прекинувана, вели Заев

Во кривичниот суд денеска беше пуштена снимката објавена на „Јутјуб“ за случајот „Поткуп“ против премиерот Зоран Заев. Тој изјави дека и судот констатирал дека трипати самата снимка се прекинува.
„Токму тоа се деловите што ги видовме преку презентацијата на целата снимка како се разговара и објаснува дека сево ова ќе оди за цемент, за тули, за железо, за струја, за работна сила или слично. Јасна е намерата на оној што тоа го објавил во јавноста да направи комплетна дискредитација и валкање на лицето на Зоран Заев. Навистина, само преку судска постапка ваквите постапки може да се отворат и целосно да се разјаснат“, рече Заев.
Тој додаде дека верува дека преку завршните зборови на адвокатите на 15 мај за кога е закажано последното рочиште, предметот ќе биде затворен.
„Конечно да се докаже правда во Република Македонија, поврзана со мене, надевајќи се дека сите граѓани ќе дочекаат правда таму каде што секако се правични“, рече Заев.
На новинарско прашање во врска со изјавата на Никола Груевски дека договорил ослободителна пресуда, Заев рече:
„Јас знам дека уште од првиот момент огромен број од граѓаните знаат дека ова е местенка, голем дел од граѓаните знаат дека ова е само за да се спречи проектот Вистината за Македонија и политичките бомби, а денеска по ова онлајн-поврзување на доказните постапки и целиот овој процес, коментарите коишто доаѓаат преку медиумите, повеќе од јасно е дека се работи за монструозно смислена цел за некој да се спаси, за да остане подолго на власт“.
Во врска со терминот „брат ми“ кој го користи на снимката, Заев вели дека го користи во контација на тоа дека неговиот брат е вработен во менувачница во којашто Иван Николов бил клиент.
„Господинот Иван Николов е клиент на менувачница ‘Пеон’, каде што работи брат ми, и тука се разговара за тоа што ќе прави ако се парите во евра, ‘Ќе ги смениш во менувачница и ќе ги однесеш, ќе купиш, цемент, бетон, железо, тоа е твое право’. Таму се зборува, ‘колку милуваш ти пред Господ, тоа е помеѓу тебе и Господ’, значи тие делови се скратени овде и буквално кога ќе го скратите така, ете како изгледа во јавноста. Но, сега и на судот и на јавниот обвинител му е јасно што всушност било целта да се постигне преку сечењето на оваа видеоснимка и на тој начин презентирање во јавност“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ние што немаме златни визи и резервна држава, целта ни е да направиме направиме трајна и праведна реформа, реагира Филков на обвинувањата на СДСМ

СДСМ е последна партија што има право да зборува за реформи во правосудството. Од страна на СДСМ денес повторно слушнавме празна политичка реторика, препакувана во обвинувања кои немаат никаква врска со реалноста. Иронично е токму партијата која со децении го партизираше правосудството, и преку инсталирани кадри, и преку клиентелизам, и преку селективна правда, денес да се претставува како борец за реформи, реагира министерот за правда Игорн Филков на прес-конференцијата на СДСМ на која тие побараа Филков да не ги опструира работните групи и дека реформските закони за правосудството ги нема.
„Наводите за „доцнење“ се целосно неточни. Напротив, реформската агенда се реализира согласно планираната динамика, а дел од законите веќе се на ЕНЕР, во фаза на јавна консултација. Министерството за правда не носи закони набрзина во интерес на поединци, одредени фамилии или интересни групи ниту по налог на партиски штабови. Предлог законите се подготвуваа преку сериозна анализа, консултација со експерти и усогласување со меѓународните стандарди.
Министерството за правда, во координација со Владата, интензивно работи на имплементација на реформската агенда и стратегијата за правосудството (2024–2027). Сите реформски закони кои се подготвуваат се темелни, инклузивни и усогласени со препораките од ЕУ. Закони не се носат за ПР ефект, туку за системска промена, нешто што СДСМ очигледно не го научи иако имаше шанса“, вели Филков.
Во врска со законите за Јавното обвинителство, Судскиот совет, судската служба, платите на јавните обвинители, тие, според Филков, веќе се ставени на ЕНЕР, и истите се во финална процедура.
„Во план и подготовка се и: Предлог Законот за судски буџет. Предлог Законот за Советот на јавни обвинители. Предлог Законот за јавнообвинителска служба. Измени на Изборниот законик, со поддршка на ОДИХР.
Закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската службаз, Закон за помилување, Закон за вештачење, Закон за нотаријат, Закон за извршување, Закон за пробација, Закон за извршување на санкции, Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, Закон за заштита на лични податоци.
Во однос на Изборниот законик Министерството за правда ги започна подготовките, но без поддршка од политичките чинители и без консензус, неговото донесување не може да се реализира. Ќе следат разговори на политичките субјекти“.
За првпат, како што информира имаат сериозен пристап во кој се вклучени сите чинители – експерти, меѓународни партнери и граѓанскиот сектор.
Што се однесува до наводната „конструктивност“ на СДСМ, според министерот, таа завршува онаму каде што почнува лицемерието. Ако навистина имаат конструктивни предлози, Филков вели дека ќе ги достават во време и со добра намера, а нема да ги користат како алатка за прес-конференциски спинови.
„Нам, што немаме резервна држава, ниту златни визи, целта ни е да направиме трајна и праведна реформа затоа што Македонија е се што имаме. Го повикувам СДСМ наместо со демагогија да се позанимаваат со давање на искрени одговори-како се набавуваат златни визи и колку истите чинат, рече Филков.
Македонија
Мицкоски за кандидатите за гувернер, меѓу кои се Ставрески, Славевски и Бежовска: Сите се вонсериски

До крајот на неделата ќе биде јасно кој кандидат за гувернер ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Од тројцата досега најсериозни кандидати, поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славевски и актуелната гувернерка Анита Ангелова-Бежовска, која е првата жена гувернер, премиерот Христијан Мицкоски не издвои никого.
„Не е битно кој е мојот фаворит. Она што можам да го кажам како претседател на Владата е дека сите кандидати што се разгледуваат се вонсериски, искусни и кандидати за кои убеден сум дека ќе ја одржат макроекономската стабилност на Македонија“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во скопско Долно Лисиче.
Премиерот најави дека одлуката ќе ја донесат до крајот на неделата, а в понеделник ќе очекува да биде известено и Собранието.
„Веќе имавме разговори со претседателката во понеделникот на оваа тема. Тие разговори очекувам да ги продолжиме. До крајот на неделата ќе биде јасна позицијата. Очекувам в понеделник да биде информирано и Собранието. На 20 мај има седница, разговарав и со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред тогаш, така што рокот ќе биде почитуван“, вели премиерот Мицкоски.
Седумгодишниот мандат на сегашната гувернерка Ангелова-Бежовска истекува на 21 мај и таа има право на реизбор.
Славевски, актуелен професор на Економскиот факултет и претседател на Советот на Град Скопје, беше министер за финансии во првата влада на Никола Груевски во 2006 година. Тој остана на функцијата министер за финансии до 2009 година кога на негово место дојде Ставрески.
И Ставрески е кадар од првата влада на Груевски. Во 2006 година беше назначен за вицепремиер за економски прашања, во 2009 стана и министер за финансии. Се повлече од функциите во 2016 година со објаснување дека тоа го прави од здравствени причини. Тогаш рече дека лекарите му советувале подолго лекување за да закрепне, но не сподели со јавноста за здравствената состојба. Неколку месеци пред да се повлече од функциите, тогаш опозицискиот СДСМ почна да ги објавува аудиоснимките, кои ги нарече бомби, а на голем дел од нив имаше разговори на Ставрески со тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но и со други владини членови. Тогаш јавноста од Ставрески слушна дека „немаме ни за леб, а трошиме за чоколади“.
Македонија
Мисајловски – Пирс: Соработка на највисоко ниво, Обединетото Кралство останува наш силен сојузник

Денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски се сретна со новата специјална претставничка на Обединетото Кралство за Западниот Балкан, Карен Пирс, на која и се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Обединетото Кралство во развојот на капацитетите на македонската Армија.
„Нашите две држави имаат повеќедецениска интензивна одбранбена соработка која, особено по членството во НАТО го достигна сиот свој потенцијал“, рече Мисајловски и додаде дека сета оваа соработка значително ги зајакна врските помеѓу двете Армии и нивните припадници.
Министерот посочи дека одбраната и Армијата остануваат отворени за континуиран развој на соработката во секоја област – одбранбената политика, воената обука и едукација, јазичната обука и советодавната поддршка од Обединетото Кралство, досега реализирана во повеќе наврати.
„Ние ќе продолжиме да бидеме близок партнер и силен сојузник на Северна Македонија во НАТО. Обединетото Кралство останува целосно посветено на зајакнување на стабилноста, безбедноста и економската соработка во регионот“, изјави Пирс.
На средбата во Министерството за одбрана присуствуваа и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон и одбранбеното аташе, потполковникот Едвард Џон Грин.