Македонија
(Видео) Сопругата на претседателот, Ѓоргиевска, дел од проектот „Трешн фешн 2020“
Сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, беше дел од 4-членото жири, кое ги оценуваше креациите на учениците од 14 средни училишта од Република Северна Македонија, изработени од реупотреба на разни отпадни материјали.
Средношколците изминатиот период собираа материјали, односно стара хартија, пластика, делови од стари компјутери, природни материјали и други предмети што може да се реупотребат. Потоа, од нив изработуваа облека и модни додатоци. Целта на проектот „Трешн фешн“, кој повеќе од 10 години го организира здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, е да се намали отпадот преку негова реупотреба и да се подигне свеста кај учениците, но и кај пошироката јавност, за важноста од здрава животна средина.
„Навистина ме воодушевија креативноста и потенцијалот на средношколците. Но, пред сè, импресионирана сум од исклучително развиената свест на овие млади луѓе за значењето и зачувувањето на животната средина, на природата и реупотребата на отпадот“, истакна Ѓоргиевска.
Досега на овој натпревар учествувале речиси сите средни училишта од земјата и биле изработени повеќе од 400 модели и модни додатоци. Низ процесот на собирање материјали тимовите исто така имаа задача да измерат колку отпад собрале. Годинава биле собрани повеќе од 3.500 килограми отпад. А темата на која се изработуваа делата е „Супер херои за 2020 година“. Годинашната акција беше посветена на сите херојки и херои што беа на првите борбени линии при справување со пандемијата на Ковид-19 и кои постојано беа изложени на ризик.
Победник на годинешниот „Треш фешн“ е тимот од средното општинско училиште „Богданци“ од Богданци, составен од ученичките Стефанија Ангова, Цветанка Атанасова и Габриела Костевска, под менторство на Весна Ристовска. Второто место им припадна на Марија Станојовска, Александра Мирческа и Антонио Ѓурчиноски, ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп и нивната менторка Марта Макеска. Јована Иванова и Софија Пецева и нивната менторка Маргарета Спасов од СОУ „Никола Карев“ од Струмица го освоија третото место. Специјалната награда за најголема количина собран отпад ја добија учениците од СОУ „Коста Сусинов“ од Радовиш, односно Марија Прастова, Верица Георгиева и Косара Ѓорѓиева, под менторство на Катерина Сусунова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

