Македонија
(Видео) Спасовски: Заштитата на критичната инфраструктура приоритет за динамично интегрирање во евро-атлантските структури

Заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска имаше обраќање на конференцијата „Критична инфраструктура – Концепт и безбедносни предизвици“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“. Министерот Спасовски, осврнувајќи се на темата на конференцијата, ја нагласи поврзаноста на критичната инфраструктура со безбедноста како нејзин делокруг на работа.
„Ако ја земеме предвид општата дефиниција за критична инфраструктура, без оглед што таа во разни држави може поинаку да биде систематизирана, под критична инфраструктура се подразбира сè она што е од витално значење за функционирањето и опстанокот на една заедница или општество. Следствено на тоа, а во контекст на нашите општествени приоритети за динамично интегрирање во евро-атлантските структури, јасно е зошто почнавме еден процес на законско и институционално регулирање на овој сегмент од безбедноста. Тоа подразбира процена, анализирање, дефинирање и заштита на критичната инфраструктура“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.
Според него, кон ова прашање, кое е од примарно значење, мора да се пристапи стручно, професионално и стратешки долгорочно затоа што овој сегмент е основата на функционирање на државата, системот и нејзините институции, и тоа колку поради веќе стандардизираните и нормирани западноевропски модели на заштита на критичната инфраструктура, толку и поради постојните регионални и меѓународни безбедносни трендови.
„Притоа, како земја кандидат за членка во ЕУ и земја која набргу ќе биде полноправен член на НАТО, ние веќе имаме одредени законски репери – како, на кој начин и во колкава мера треба да се одвива институционалната заштита на критичната инфраструктура. Имено, тука пред сè мислам на хармонизирање на националното законодавство со европските норми во сегментот на критичната инфраструктура, секако почитувајќи ги притоа нашите автономни политики и нашите принципи за безбедносна политика како неделив сегмент од остварувањето на националните интереси на Република Северна Македонија“, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи, поздравувајќи ја организацијата на конференцијата посветена на критичната инфратструктура, која привлече импозантен меѓународен академски состав, го изрази своето уверување дека од неа ќе произлеат предлози и идеи, кои преку соработка на државните институции со академската и експертската јавност, ќе резултираат со изработување на стратешка рамка и регулатива со која ќе се даде законскиот основ за заштитата на критичната инфраструктура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.