Македонија
(Видео) Спасовски: Мирните и демократски избори ја обезбедуваат иднината на нашата држава
Мирните и демократски избори ја обезбедуваат иднината на нашата држава. Затоа и ве поканувам во еден празничен изборен дух да ги избереме идните преставници на локалната власт, како што ѝ прилега на земја која е членка на НАТО и е на пат за членство во Европската Унија, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето во пресрет на изборите в недела.
Тој вели дека политичката свест кај граѓаните за одговорноста што ја имаат пред иднината на својата држава е на високо ниво и дека интегритетот на изборниот процес зависи од целосното почитување на основните демократски принципи.
„Моето длабоко уверување е дека на 17 октомври нашата татковина ќе го положи својот демократски испит на зрелоста. Политичката свест кај граѓаните на Република Северна Македонија за одговорноста што ја имаат пред иднината на својата држава е на едно високо ниво. Интегритетот на изборниот процес зависи од целосното почитување на основните демократски принципи, според кои граѓаните може слободно да ја изразат својата волја преку гласачките кутии, во мирна атмосфера, без каква било форма на притисок, а притоа почитувајќи ги и мерките за заштита од Ковид-19“, вели Спасовски.
Според Спасовски, Министерството за внатрешни работи има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси и ги презема сите надлежности што се предвидени со Изборниот законик.
Тој уверува дека МВР е максимално подготвено да одговори на предизвиците за безбедноста на изборниот процес.
Спасовски апелира најнапред до носителите на изборните активности, кандидатите за градоначалници и политичките субјекти што ги поддржуваат тие кандидати, да ги остават граѓаните самостојно да си ја донесат одлуката.
„Борбата на идеи е втемелена во нивните изборни програми, кои имаа можност да ги претстават за време на предизборната кампања. Сега е редот на граѓаните да го направат изборот според сопствените убедувања. Но, би сакал да ја искористам оваа последна можност пред почетокот на предизборниот молк да испратам порака и до граѓаните – бидете партнери на македонската полиција затоа што безбедноста е наша заедничка цел. Партнерскиот однос значи и размена на информации, навремено пријавување во МВР на евентуални незаконски активности во врска со изборниот процес, нарушувања на вашето избирачко право или каква било злоупотреба на тоа уставно загарантирано право. Ние сме тука соодветно да одговориме, полицијата е подготвена да биде гарант за заштита на законитоста, редот и безбедноста“, вели Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На предлог на Филипче, оставки поднесе раководството и сите членови на Извршниот одбор во СДСМ
На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, велат од партијата
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите, како што велат од СДСМ, ќе се бираат најкомпетентни личности.
Македонија
Полицијата од Охрид учествуваше на вежба за авион со запален мотор на охридскиот аеродром
Полициски службеници од СВР Охрид и граничната полиција при Регионалниот центар „Запад“ денеска учествуваа на симулирана показна вежба „Воздухоплов со запален мотор на полетување“, која се одржа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Полициските службеници ги вежбаа и ги спроведоа предвидените мерки согласно безбедносните протоколи и постапија по планот за реакција и поддршка при безбедносни инциденти на воздухоплов. Целта на вежбата беше подигнување на степенот на оперативност и ефикасност на сите служби, ажурирање на координативните мерки и унапредување на меѓусебната комуникација во услови на авионски инцидент.
Во вежбата учество зедоа ТАВ „Аеродром“ – Охрид, АКЛ, противпожарни екипи од ТАВ и ТППЕ Охрид и Струга, медицински тимови од ТАВ, амбулантите во Охрид и Струга и Црвениот Крст.
Вежбата заврши успешно, со покажана висока ефективност во реализацијата на предвидените безбедносни мерки, велат од СВР Охрид.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

