Македонија
(Видео) Спасовски: На 12 април изборот е меѓу СДСМ кој води напред и Мицкоски кој води назад
Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, на граѓанска трибина „На прав пат“ вечерва во Охрид, на присутните им порача дека на изборите на 12 април, граѓаните имаат две насоки за кои ќе можат да гласаат.
„На 12 април има два пата во различни насоки, два различни правци. Едниот е нашиот, на СДСМ, што води напред кон НАТО и ЕУ, повеќе пари кај граѓаните и сигурна иднина, и вториот на Мицкоски кој води назад во изолација, обнова на криминал и корупција. Тој пат го одевме 11 години, а сега за две и пол години моравме да направиме многу за да направиме сериозен исчекор напред и затоа враќање назад нема, порача потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски на граѓанската трибина „На прав пат“ во Охрид.
Спасовски истакна дека сега за разлика од претходно се реализираат националните и државни интереси, а тоа е членство во НАТО и интеграција во ЕУ.
„Направивме се за да спроведеме реформи кои се признаени од цела Европа, од целиот демократски свет. Денес со право сме разочарани заради историската грешка на ЕУ, но треба да сме горди што успеавме за кратко време да ги оствариме сите реформи и со право очекуваме дека таа грешка насокоро да биде исправена“, рече Спасовски.
„Единствени кои се радуваат на грешката на ЕУ се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски изјави дека е среќен што не блокирале, но истиот ден доби силен шамар токму од претседателот Макрон дека сите земји членки биле за почеток на преговорите“ нагласи тој.
Како што додаде, за две и пол години целосно го реализирале столбот од програмата кој враќа пари кај граѓаните, ја укинаа радиодифузната такса, ја вратија евтината тарифа на струјата, ја покачија минималната плата.
Спасовски се осврна на трајното решавање на проблемот со стечајните работници за само 2 години од преземањето на одговороноста од страна на СДСМ.
„Ветивме дека ќе го решиме проблемот со стечајците и денес речиси 12.000 стечајци добивата месечен надомест. 11 години ВМРО-ДПМНЕ ги лажеше и профитираше на нивната несреќа, ние за само две и пол години го решивме овој проблем и денес веќе нема стечаен работник кој не е обештетен“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека за две и пол години отвориле над 54.000 нови работни места. „Тоа не значи само намалување на невработеноста, туку тоа се повеќе пари во пензискиот фонд, повеќе пари за социјална заштита, подобрување на животниот стандард за повеќе граѓани“ истакна Спасовски.
„Пред само две години минималната плата беше 9.000 денари, ние прво ја покачивме на 12.000 денари и ја израмнивме во сите сектори. Сега ја зголемуваме на 14.500 денари, а веќе наредната година ќе има ново зголемување, за да дојде до 16.000 денари, онолку колку што ветивме пред граѓаните. Тоа носи раст на платите а просечната плата сега е повисока за околу 2.000 денари за разлика од пред две години“, порача Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски со Караџов и Маринеску во Брисел: Македонија се фокусира на изградба на големи инфраструктурни проекти
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, Мариан-Жан Маринеску, европскиот Координатор за коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран, како и Матеј Законшеќ, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.
На средбата се разговараше за регионалните инфраструктурни проекти кои го потикнуваат рагионалниот развој и економија.
Николоски информираше дека законот за ратификација на Договорот потпишан на 6 ноември 2025 година наскоро ќе биде ратификуван во Собранието.
Николоски ги запозна соговорниците и дека на техничко ниво директорите на двете железнички претпријатија заеднички почнуваат со подготовка за апликација за финансирање на проектот за тунелот.
Тој потенцира дека се очекува во месец декември или јануари да биде објавен тендерот за третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија.
Работната агенда на вицепремиерот Николоски продолжува и утре каде ќе учествува на Самитот на министри за транспорт на земјите од Западен Балкан и министри од Европската Унија.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

