Македонија
(Видео) Стоилковски: Дали ДУИ и СДС веќе ги поделиле автопатите по делници или ќе ја пресметуваат и делат разликата по ископан кубик земја?

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција направи неколку споредби со цени за градежни зафати при изградба на автопати во Македонија. Заедничко, како што рече, е тоа што зад двата договора како инвеститор на градбата секако стои државата Македонија.
„На страница 130 од договорите за коридорите 8 и 10 д добиен од укажувачи во ценовникот за ископ на првиот слој прифатена е цена од 5,36 евра за кубен метар, односно 330 денари. Ова е цена за ископ на горниот слој земја со вклучен транспорт до 3 километар. Над овие 3 километар за транспорт се наплаќа 0,17 евра за тон од километар, па, така, еден камион со носивост од 25 тона ќе чини 4,25 евра од километар!
За споредба, договор склучен на 24 февруари 2023 помеѓу „Гранит“ и ЈПДП за автопатот од ГП Блаце до с. Блаце, за истата работа „Гранит“ наплаќа 2,33 евра за кубен метар со вклучен транспорт до 15 километри. Значи, наместо 2,33 евра од еден кубен, државата сега, со 15 километри транспорт, ќе плаќа 7,4 евра или 5 евра повеќе за кубен метар. Треба да се знае дека се работи за многу милиони кубни метри земја за ископ.
Потоа, ископ на подолни слоеви земја под првиот слој. 8,95 евра за кубен метар или 552 денара со транспорт до 3 километри. Над тоа повторно се плаќа 4,25 евра од километар за камион. Во споредба со договорот за рехабилитација на државниот пат Тетово – Џепчиште од 2021 година, цената таму е 240 денари за македонската фирма „Гранит“, значи цената за коридорите е многу повеќе од двојно поголема. 552 денара со 240 денари до три километри, а потоа се додаваат и оние 4,25 евра за километар за камион“, објасни Стоилковски.
Праша каде ќе заврши разликата во пари. Се работи за многу пари, за многу земја, многу површински и под површински ископ, многу минати километри, рече Стоилковски.
„До сега нема одговор, сè уште го кријат договорот, го кријат и од институциите, има само молк на прашањата за финансиските импликации врз буџетот.
Кријат и бегаат од одговор зошто е толкава разликата и зошто е прифатена толкава разлика во цени?
Партиите од власта, потписници на договорот, треба да одговорат: Дали ДУИ и СДС веќе ги поделиле автопатите по делници или ќе ја пресметуваат и делат разликата по ископан кубик земја? Македонија е во период кога наближуваат избори, па мора да се знае дали ДУИ и СДС подготвуваат црни фондови за изборен поткуп?“, праша Стоилковски.
Ниедна клаузула или договор, според него, не може да бидат посилна од институциите ако треба да се спречи тежок криминал со наштетување на државниот буџет во партиски цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.