Македонија
(Видео) Стоилковски: Левицата продава евтин популизам, пример за поговорката не гледај што правам, слушај што зборувам
Партијата Левица е целосно синхронизирана со СДС и додека продава евтин популизам, таа е типичен пример за поговорката не гледај што правам, слушај што зборувам, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Наспроти евтиниот популизам, Левицата е тивкиот партнер на СДС кога станува збор за бизнисите. Левицата е вистински пример за поговорката не гледај што правам, слушај што зборувам. Преку статуси и пароли на социјалните медиуми продаваат евтин популизам злоупотребувајќи ги чувствата на народот од неправдите и криминалите на СДС, а всушност Левицата работи целосно синхронизирано со СДС.
Во Град Скопје, на пример, каде што коалицијата на СДС со Левицата функционира беспрекорно, заедно со ДУИ ги изгласаа програмите за работа на претпријатијата и институциите за заеднички да прават бизниси“, рече Стоилковски.
Сигурниот партнер на Левицата, како што вели Стоилковски, со скопски Карпош, ги поддржа бизнис-интересите на СДС за бетонизација.
„Левицата гласаше за десетици висококатници за потребите на СДС! Сигурниот партнер на СДС, Левицата, донесе со гласање ДУП за згради, ама не и за градинки и училишта. Бесрамно, но веќе јавноста научи дека Левицата до вчера пишуваше статуси против урбанизација и бетонизација, а сега гласа за принцовите на бетонот да градат станбени блокови. Било во Скопје, во Карпош или каде и да било во општините во Македонија, а Левицата се претставува како опозициска партија, таа е главен соработник и гласач на политиките на СДС. И со тоа работи против волјата на народот, против потребите на народот, а за потребите на СДС“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој обвини дека провидна е продажбата на евтин популизам додека, како што вели, вистинската улога е тивок партнер на СДС за дебели провизии и за дебели бизниси. Македонија не смее повеќе да биде жртва на евтин популизам, не смее повеќе да биде жртва на поговорката не гледај што правам, слушај што зборувам, заклучи Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновска: Ако СДС продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена
Ако СДС продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена побрзо одошто некој таму сака да признае, изјави Викторија Андоновска од ВМО-ДПМНЕ.
„СДС и натаму по изборниот пораз без решение, без ниту една промена во раководството. Партијата тоне, а Венко Филипче се држи за функцијата како да е приватна сопственост. Во СДС веќе отворено врие. Членови, активисти и поранешни функционери јавно бараат реформи и јасно укажуваат дека Филипче го губи секој легитимитет. Наместо да ја прифати одговорноста за најлошиот резултат во историјата на партијата, тој повторно бега од реалноста и вината ја гледа на друго место. Филипче нема намера да поднесе оставка, а камоли да покаже доблест. Наместо тоа, продолжува со истите партиски комбинации, истите луѓе, истите матрици. Поставувањето на Трајановски е уште еден обид да се зачува влијанието на Заев, односно она влијание кое ја доведе СДС до колапс. Граѓаните гледаат дека вакво раководство нема визија, нема сила и нема доблест за промени. СДС со ваков врв оди во уште поголема пропаст. Ако СДС продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена побрзо одошто некој таму сака да признае“, рече таа.
Македонија
Зајкова се обрати на есенската сесија на ПС на ОБСЕ: Во време на зголемени конфликти, дезинформации и нарушена доверба во институциите, нашата најсилна алатка останува дијалогот
Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Моника Зајкова, шефица на Делегацијата; Мимоза Муса, членка и Ели Панова, заменик-членка на Делегацијата, учествува на 23. Есенски состанок на ПС на ОБСЕ, што се одржа од 16 до 19 ноември 2025 година во Истанбул, Турција.
Во време кога се одбележуваат 50 години од формирањето на ОБСЕ, оваа парламентарна конференција беше отворена со засилени апели за ревитализирање на мултилатерализмот преку дијалог и соработка.
Првата сесија на оваа парламентарна конференција се фокусираше кон премостување на перспективите и зајакнување на дијалогот, медијацијата и довербата во ерата на неизвесност. На оваа сесија свое обраќање имаше пратеничката Моника Зајкова, која истакна дека меѓународниот пејзаж е обележан со длабока сложеност затоа што конфликтите продолжуваат, а геополитичките тензии се заоструваат.
Во време кога дезинформациите се шират и довербата на граѓаните во институциите се намалува потребна е поголема посветеност кон дијалогот, соработката и споделената одговорност. Затоа е потребно да се имаат предвид основачките принципи на ОБСЕ дека безбедноста е неделива, односно дека сите зависиме едни од други. Таа посочи дека дијалогот е најважната алатка за зачувување на мирот и дека преку отворени канали на комуникација може да се отфрли стравот, да се исправат дезинформациите.

Пратеничката Зајкова заклучи дека без разлика дали неизвесностите доаѓаат од геополитички, економски, технолошки или еколошки предизвици, секогаш бараат обновен дух на солидарност и одговорност. Премостувањето на перспективите не значи елиминирање на разликите, туку создавање простор за нивно разбирање, за нивно управување со можност за трансформирање во мир.
На оваа есенска конференција учествуваат околу 200 пратеници, претставувајќи 53 земји учеснички на ОБСЕ, како и неколку парламентарци од медитеранските партнери за соработка.
Говорниците повикаа на праведен мир во Украина, нагласувајќи дека сите преговори мора да го вклучат Киев на масата, како и пат кон долгорочен мир на Блискиот Исток врз основа на признавање на две држави.
Во своето обраќање, претседателот на ПС на ОБСЕ, Пере Жоан Понс (Шпанија), зборуваше за ерозијата на некогаш преовладувачкиот оптимизам низ Регионот на ОБСЕ, но сепак изрази надеж за иднината. Тој истакна дека Европа повторно гледа во бездната на војната, што се гледа преку Украина, а трагично, недалеку оттука, во Газа.

Во овој поглед, тој истакна дека Собранието ќе продолжи со ангажманот во Јужен Кавказ, работејќи со сите политички сили за да помогне во зајакнувањето на демократијата и дијалогот и повика на продлабочување на парламентарната соработка со сите земји од Централна Азија. Тој, исто така, ја нагласи важноста на економската и еколошката димензија на безбедноста, истакнувајќи ја особено работата на ПС по прашањето на климатските промени.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, истакна дека ОБСЕ има инклузивност, легитимитет, искуство и историска меморија да покаже дека дијалогот и соработката се сè уште можни и секако потребни, особено во најтемните времиња.
Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.
Македонија
Младите во Општина Аеродром целосно ослободени од комуналии за градење на прв дом
Општина Аеродром ја воведува мерката за целосно ослободување од комуналии за сите млади до 35 години што го градат, го доградуваат или го надградуваат својот прв дом.
„Мерката беше донесена на првата седница на Советот на Општина Аеродром, со што јасно се потврдува определбата дека токму младите се основата на развојот на заедницата“, велат од Општината.
Ова право можат да го остварат лицата што исполнуваат следниве услови: лица кои имаат најмногу 35 години на денот на поднесување на барањето; да се жители на Општина Аеродром најмалку (2) години; градат, доградуваат или надградуваат прв дом во нивна сопственост; објектот се гради исклучиво за лични станбени потреби.
Заинтересираните треба да поднесат комплетна техничка документација согласно со Законот за градење, како и изјава дека објектот ќе го користат за сопствено домување најмалку десет (10) години.
Ослободувањето од комуналии се однесува на: изградба на нова индивидуална куќа; доградба на постоен станбен објект за индивидуално домување и надградба на постоен станбен објект за индивидуално домување со која се создава прв дом.

