Македонија
(Видео) Стојаноски: Шилегов, Министерството за транспорт и Државни патишта дале 20 милиони евра на тендери

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски вели дека министерства, јавни претпријатија и општини потрошиле милиони евра преку крајно сомнителни тендерски постапки.
„Вчера објавивме дека институциите на власта на СДСМ во изминативе 4 години склучиле 200 милионски договори, за кои подоцна не го испочитувале законот и не го објавиле договорот и сумата на истиот на страницата на Бирото за јавни набавки, иако на тоа законот ги обврзува, тие ги кријат договорите. Според информациите кои дојдоа до нас, Петре Шилегов во изминатиов период склучил неколку договори во вкупна вредност од 800.000 евра, без притоа истите да ги објави на страната на Бирото за јавни набавки. Што крие Шилегов и зошто не се објавени овие договори?“, прашува Стојаноски.
Според сознанија на ВМРО-ДПМНЕ, како што напомена Стојаноски, министерството за транспорт и врски во изминативе 2 години склучило 4 договори во вкупна вредност од 297.000.000 денари, односно околу 5 милиони евра, за кои не е испочитуван законот и не ги објавило на увид на јавноста.
„Што криеле министрите за транспорт и врски поставени од Заев? Имено тие на 17.12.2019 склучиле договор за изградба на фекална канализација во Визбегово во износ 147.000.000 денари и не го објавиле. Што има спорно во овој договор и зошто не е објавен? Што сакале овие луѓе да сокријат? Истото министерство на 10.12.2019 склучило договор во износ од 105.000.000 денари за изградба на фекална канализација во Арачиново, и тој договор не е објавен“, потенцира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека по истите стапки одело и Јавното претпријатие за Државни патишта, кое како што рече во изминатите година и пол склучило 5 договори, за кои постои сомнеж за злоупотреби и прикривање во вредност од 863.570.000 денари, односно нешто над 14 милиони евра.
„Имено претпријатието на 17.02.2020 склучило договор во износ од 127.500.000 денари, за санација на свлечиште на регионален пат Р1308 Претор – Маркова Нога, и истиот не е објавен на страницата на Бирото за јавни набавки. Што и зошто се крие? Истото го направиле и десетина дена претходно, при што на 24.01.2020 склучиле договор во износ од 442.000.000 денари, за рехабилитација на автопат Куманово – Страцин, договор кој исто така е сокриен од јавноста. Што и зошто крие власта? И дали со необјавувањето на договорите кријат неправилности или местени постапки?“, праша Стојаноски.
Како што рече, неговата партија ги повикува ДКСК и ЈО веднаш да отворат случај и да се утврди зошто не е почитуван законот и дали станува збор за местење тендери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.