Македонија
(Видео) Трипуновски: Млад кромид и пиперки со пестициди пуштени во промет, граѓаните јадат небезбедна храна

МЗШВ и АХВ свесно пуштиле во промет зеленчук во кој има присуство на пестициди, вели претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.
Тој со нови докази пред македонската јавност.
„Денеска објавувам уште четири извештаи за направена анализа на зеленчук пристигнат и влезен во Македонија. Имено, станува збор за млад кромид и пиперки, кои влегле во Република Македонија и веќе се наоѓаат на некој од пазарите во нашата држава.
Првите два извештаја направени во ДФЛ потврдуваат дека во анализите на млад кромид е детектирано недозволиво присуство на пестициди и овие два извештаја се архивирани со архивски број 10802-295/2 и 10802-296/2 од 22/05/2023 година.
Третиот и четвртиот извештај исто така издаден од ДФЛ се однесуваат на анализа направена на пиперка, во која исто така е откриено недозволиво количество остатоци од пестициди и овие два извештаја во интерес на вистината се со печат на Министерството и архивирани со архивски број 10802-373/2 од 17/05/2023 и 10802-493/2 од 26/05/2023 година“, истакнува Трипуновски.
Документите, како што рече, се јасен доказ дека во промет е пуштен зеленчук, кој е крајно небезбеден и отровен. „И наместо веднаш да се реагира, АХВ праќа паушални соопштенија и се обидува да ја замајува јавноста“, рече тој.
Прашува чиј бил интересот и колку може да биде забегана една влада свесно да пушта граѓаните да јадат небезбедна и отровна храна?
Власта, според него, е најодговорна за тоа што денеска граѓаните јадат штетна храна. И оваа тема, како што рече, не познава ниту верска ниту етничка, а најмалку политичка припадност.
„Оваа тема ги засега сите еднакво, од најмалите до највозрасните. Николовски и Бабовски се главните виновници за овој голем скандал. Им порачувам на АХВ и МЗШВ, наместо да демантираат, веднаш да реагираат, а Бабовски и Николовски да си поднесат неотповикливи оставки од своите позиции. За ова во демократските земји паѓаат цели влади. Воедно, уште еднаш апелирам ЈО да не глуми ненадлежно и веднаш да реагира по допрен глас“, дециден е Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Џафери поднесе Предлог Деловник за работа на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го поднесе во редовна собраниска процедура Предлог Деловникот за работа на Собранието, кој што е производ на повеќегодишна посветена работа на учесниците во процесот на Дијалогот Жан Моне кој што е заеднички процес на Европскиот Парламент со Собранието.
Во Предлог Деловникот е предвидено одредбите да почнат да се применуваат од наредниот пратенички состав што всушност придонесе многу во донесувањето на непристрасни решенија со консензус и за пратениците од власта и за пратениците во опозиција.
Предлогот е веќе доставен до пратениците во писмена и во електронска форма а ќе биде предложен за прво читање како дополнение на дневниот ред на 127. пленарната седница закажана за 3 октомври 2023 година.
Македонија
Doctor Sauer ZOO Fest во Скопје ЗОО

Оваа сабота, со почеток од 12 часот, Скопје ЗОО прославува 97 години од постоењето како најстара зоолошка градина на Балканот.
„На Doctor Sauer ZOO Fest ве очекуваат жонглери, акробати, едукативна работилница и слатки задоволства – подароци за најмалите посетители. Се гледаме во 12 на Халки-бината во Скопје ЗОО“.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје поради велосипедската трка

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре (сабота), со почеток од 15 часот, поради одржување на велосипедската трка „Куп на град Скопје 2023“, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на град Скопје.
Трасата на движење ќе почне на улицата Димитрије Чуповски кај Порта „Македонија“, право по улицата 11 Октомври кон зградата на Собранието до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, па лево по улицата Филип Втори Македонски до влезот на Градскиот трговски центар, потоа се поминува под Градскиот трговски центар и се доаѓа до Порта „Македонија“, каде што се продолжува право по улицата Димитрие Чуповски сè до крстосницата со улицата Даме Груев кај ТЦ „Палома Бјанка“ и назад по улицата Димитрие Чуповски сè до стартно/целната позиција.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што сообраќајот ќе се пренасочува на околните сообраќајници. MВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива трката.