Македонија
(Видео) Три години и еден месец затвор за Марјан Стаменковски и бришење на порталот „Доказ М“, изрече Кривичниот суд

Судијката Марија Клетничка-Марковска му изрече казна од три години и еден месец за пет кривични дела на Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“.
„За секое од кривичните дела од диспозитивот – односно, за делото уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена – му утврдува по една година затвор. Се изрекува единствена казна од 3 години и 1 месец“, изјави судијката.
За кривичното дело злоупотреба на лични податоци, Стаменковски доби казна од 5.000 евра, односно 250 дневни глоби. Доколку не ја плати, ќе добие затвор, но не подолг од шест месеци.
„Му се изрекува забрана да врши регистрација на домени или да биде сопственик на портал во ‘Марнет’, сметано за период од 10 години. Ова подразбира и престанок на сите домени, каде што Стаменковски се јавува како сопственик во ‘Марнет’“, додаде судијката.
Според судијката, тој како сопственик на порталот, со намера да стекне противимотна корист од вработен во Царинската управа, го присилувал да му исплати пари за да не објави текст.
„Го присилил оштетениот да стори штета врз својот имот. Му се заканил дека ќе објави текст дека е татко на дете што го имал вонбрачно. Побарал средба за да му изнуди пари, а обвинетиот да не го објави текстот“, рече судијката Марија Клетничка-Марковска.
Таа објасни и како Стаменковски сторил дело пиратерија на аудиовизуелно дело.
„Без одобрение на дистрибутерот, ги ставил епизодите достапни за јавноста овозможувајќи неограничено емитување на 10 епизоди од серијата ‘Тајкун’“, рече судијката.
Судот читаше какви текстови објавил Стаменковски на порталот ширејќи расизам кон свештеници. Тој споделувал и ксенофобичен материјал за две новинарки. Читани беа насловите со кои Стаменковски атакувал врз епископ со цел да го прикаже како тој постапувал спротивно на верските одредби.
„Преку компјутерски систем ширел ксенофобичен и расистички материјал врз основа на религија. На порталот објавил фотографии и текст со оштетените“, посочи судијката.
Стаменковски направил и злоупотреба на лични податоци.
„Без согласност на оштетените, вработени како истражители во ОЈО – Скопје, користел нивни лични податоци“, додаде судијката.
Судењата беа зад затворени врати оти се изведуваа делови од приватните животи на обвинетите. Судијката рече дека биле изведени низа докази.
„Беа изведени многубројни материјални и вербални докази како на Обвинителството така и на одбраната. Беше почитувано правото на одбрана на обвинетиот. Обвинетиот даде своја одбрана, која беше конципирана и во која беше посочено дека сторените дејства не претставуваат кривично дело, туку се вербален деликт – клевета и навреда, а обвинетите не барале извинување и не испратиле демант, како и дека обвинетиот не ги пишувал содржините на својот веб-портал, туку ги презел“, рече Марија Клетничка-Марковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.