Македонија
(Видео) Царовска: Креираме концепт за дуално образование приспособен на локални услови

Заменик-претседателка на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заменик-министерка за образование и наука, Елизабета Наумовска, и директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, го посетија Општинскиот електромашински центар „Св. Наум Охридски“ во Охрид, едно од техничките училишта во кои се спроведува проектот за дуално образование на Делегацијата на германското стопанство.
Царовска посочи дека Владата и Министерството за образование се посветени на креирање соодветен систем на дуално и стручно образование, со кое би се продуцирале квалитетни и добро обучени кадри, особено од техничките струки, за задоволување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
„Еден од најголемите предизвици за економски раст и развој на Северна Македонија е наоѓање соодветен и добро обучен кадар за реалните потреби на стопанството. Во моментот спроведуваме проект за финансирање на техничкото образование, а тенденција е да креираме квалитетен систем на дуално образование во согласност со реалните состојби и потреби на македонското стопанство. Би сакале до почетокот на новата учебна година да креираме систем кој би го имплементирале на територијата на целата држава и со кој би се создавале добро образовани и стручни кадри за потребите на индустријата“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Заменик-министерка за образование и наука, Елизабета Наумовска, посочи дека Министерството веќе спроведува проект за развој на вештини и поддршка на иновации (SDIS), кој се спроведува во соработка со Светската банка, а со кој се овозможува набавка на опрема за спроведување техничко образование.
„Преку овој проект се набавува техничка опрема за спроведување практична настава за потребите на училиштата во вредност од 20 до 30 илјади евра за секое стручно училиште, а вкупната вредност на проектот е околу 6 милиони евра. Во изминатите 2 години многу повеќе е инвестирано во средното образование отколку во претходните 10 години“, нагласи Наумовска.
Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, која го спроведува проектот за дуално овразование, посочи дека е важно Владата заедно со локалната власт и приватниот сектор да работи и на креирање систем, но и набавка на соодветна опрема за спроведување практична настава за учениците во средните стручни училишта.
„Пред 2 години почнавме со проектот во Охрид и Кавадарци, со 4 вклучени компании, а денес проектот се спроведува во 5 града и 10 вклучени компании. Ме радува што е подигната свеста кај родителите, кои го прифаќаат дуалното образование како добра опција и навистина е така затоа што преку овој тип на образование учениците ги добиваат потребните вештини и знаења за професии побарувани од пазарот на трудот, како што се мехатроничар, машински техничар и други технички професии“, рече директорот на Делегацијата на германското стопанство, Мартенс.
За време на посетата се одржа средба со директорите на компаниите „ОДВ електик“, „ЛТХ леарница“ и „Костал“, како и со претставници на локалната самоуправа и наставници што спроведуваат пракса, на која имаше дискусија за можностите и предизвиците на дуалното образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.