Македонија
(Видео) Царовска: Со социјалната реформа ја намалуваме детската сиромаштија

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Институтот за социјална работа и социјална политика Скопје, и канцелариите на УНИЦЕФ и Светската банка, на Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата организира регионална конференција на тема „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата“.
„Со посветена работа Министерството за труд и социјална политика успешно ја имплементира социјалната реформа. Ова беше едно од нашите главни ветувања и среќен сум што веќе го исполнивме. Граѓаните веќе земаат социјална помош повисока во просек 300 отсто. Ваков пораст на социјалната помош не се памети во државата. Со социјалната реформа се воспоставува праведна распределба на средствата, кои се насочени кон оние на кои навистина им се потребни. Првпат системот е отворен за лицата со ниски примања. Така, наместо 3.200 деца, детски додаток сега им следува на 73.500 деца. Бројот на деца што ќе примаат образовен додаток, пак, е предвидено да порасне од 3.800 на 64.316 деца. Вкупно, додатоците за семејства со деца што живеат во сиромаштија се зголемуваат повеќе од 100 отсто“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев.
„Пред 4 години ветивме дека кога ќе имаме можност да ги водиме институциите, нема да се срамиме да им погледнеме на најранливите во очи. Денес сме горди на чекорите. 30.000 домаќинства земаат повисока социјална помош и над 22 илјади деца користат детски. Меѓутоа, она што сакам да го истакнам е дека целосно го менуваме начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани. Точно е дека значително ја зголемуваме финансиската помош што ја добиваат, но истовремено овозможуваме поддршка за вработување, ги зајакнуваме услугите во заедницата и инвестираме во ран детски развој. Бидејќи сиромаштијата не треба да се пренесува од генерација на генерација“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Детската сиромаштија денеска е сѐ почест проблем во светот. Таа опфаќа индивидуални случаи, деца и семејства, го кочи нивниот развој и ја загрозува нивната благосостојба, но истовремено влијае врз целокупниот економски и општествен развој.
„Многу држави го препознаваат значењето на инвестициите во децата и во мерки за превенција и справување со сиромаштијата, која ја загрозува нивната благосостојба. Ова не е лесно. Свесни сме. УНИЦЕФ работи со сите држави во регионот со цел да ги заштити децата од штетните ефекти од сиромаштијата“, истакна Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија
Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светската банка во Косово и Северна Македонија, рече дека модерните системи за социјална заштита треба да им обезбедат на најранливите можност да излезат од сиромаштијата и да станат продуктивни членови на општеството.
„Во многу земји значителен број деца, едно од три, како во Северна Македонија, живеат во сиромаштија, многу од нив се ранливи, што значи дека тие живеат во фамилии што се на прагот на сиромаштијата и се во социјален ризик. Модерните системи на социјална заштита треба да бидат во можност да им помогнат на сите лица во социјален ризик, особено на сиромашните и ранливите не само во обезбедување социјална помош туку и во справување во време на кризи и шокови, наоѓање работни места, подобрување на продуктивноста, инвестирање во здравство и образование на нивните деца и во заштита на населението кое старее. Ако нивните фамилии се соочат со здравствени проблеми, губење на работните места или природни катастрофи. Земјите во регионот треба да се справат со овие предизвици, ако сакаат да го затворат јазот, треба да ги достигнат европските стандарди во економиите“, рече Матоновели.
Филозофскиот факултет преку своите професори даде особен придонес во градењето и нудењето на модел за социјална реформа.
„Почетните показатели и резултати од социјалната реформа се охрабрувачки, што несомнено го потврдува фактот дека спојот меѓу науката, праксата и политиката придонесува за позитивни исходи и развојни подобрувања во општеството. Во тој контекст, намалувањето на сиромаштијата, пресретнувањето на социјалните ризици и проблеми, како и поддршката на социјално ранливите категории е возможна само преку континуирано користење на научните сознанија во функција на нивно применување во практиката и политиката“, посочи проф. д-р. Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Конференцијата „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата“ ќе трае два дена. На неа учество ќе земат голем број експерти, академици, граѓански организации од земјата и регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.