Македонија
(Видео) Шекеринска: Една изборна единица доколку се согласат сите партии

Би сакале да видиме пропорционален изборен модел, воведување на една изборна единица. Тоа беше дел од нашата програма пред изборите, но за овие прашања потребен е консензус меѓу политичките партии, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот брифинг со новинарите.
Во врска со изборното законодавство, Шекеринска информира дека е договорено да се оди во две фази. Во првата ќе биде третиран акутниот проблем со ДИК, односно избор на нејзини членови.
„До септември, ДИК ќе функционира како претходно, со претставници на политичките партии, со претседател од опозицијата, а мнозинство во Комисијата ќе има власта, а потоа ќе се размислува и се разгледуваат опции за професионален состав на ДИК“, рече Шекеринска
Втората фаза е подготовка на нои измени од Изборниот законик кој ќе ги земе предвид забелешките од ОБСЕ и граѓанските здруженија кои се однесуваат на изборите и ќе понудат функционирање на ДИК во професионален состав од страна на администрацијата, а партиите ќе номинираат членови на ДИК кои ќе функционираат само шест месеци пред изборите. Според Шекеринска сите подготовки на изборите ќе ги си води тој професионален состав, а партиите ќе влезат само тогаш кога државата ќе се подготвува за избори.
Вицепремиерката го поздрави враќањето на опозицијата во парламентот со што се постигнал договор за најголемиот дел реформски закони заедно покажувајќи дека тоа е важен знак за нормализација на состојбите во државата. Според неа, еден од поважните реформски закони за кои е постигнат договор се однесува на следењето на електронските комуникации.
„Гласањето беше лесно, но му претходеа многу сериозни преговори до детали, кои и дадоа шанса на Република Македонија да го реформира системот на следење на комуникациите и да оневозможи негова злоупотреба, заштитувајќи ги притоа граѓаните. Власта и опозицијата покажаа дека веруваат дека оваа држава мора да се промени за да стане европска држава“, истакна Шекеринска.
Како што информираше Шекеринска останува да се доусогласат решенијата за судските реформи. Таа истакна дека во голема мерка се усогласени ставовите, поднесени се дури и заеднички усогласени амандмани помеѓу власта и опозицијата за дисциплинска одговорност на судиите. Но, потенцира дека во оваа држава не се само власта и опозицијата и затоа ќе бидат земени предвид и забелешките на судската фела, експертите, Здружението на судии, Советот за реформи.
„Најголем дел од обврските на Собранието и на Владата, се завршени. Но најважно е дека и Брисел забележува дека работите не се различни само на хартија, туку промените се случуваат и во пракса“, рече Шекеринска.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.