Македонија
(Видео) Шестчлено семејство моли за помош, откако гром им ја изгоре куќата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/39211565_276223626307962_3317221001837674496_n.jpg)
Пожар предизвикан од гром, во вторникот, без дом остави шестчлено семејство од скопското село Нова Брезница. Божин Вељановски, татко на четири деца, вели дека гледал како куќата му гори, но не можел да преземе ништо. По пожарот, тој и сопругата спијат кај роднини и бараат начин и материјали за пак да имаат покрив над главата.
„Кога дојдов, ја видов мојата куќа како гори. Немаше пристап да се дојде до неа. Не ни остана буквално ништо, само рушевина. Немам ништо, од алишта имам само ова што е на мене. Моите деца се школуваат во Скопје кај татко ми и брат ми, јас и сопругата живеевме во оваа куќа. Не знам дали може да се санира. Имав детска соба, спална, кујна, дневна, трпезарија. Сега – ништо. Не знам како понатаму“, вели Вељановски.
Од опожарената куќа се останати само столбовите, кои не се стабилни. Целата е распадната. Покривот, гредите, ќерамидите, па сè до облеката, покуќнината, белата техника, сè е целосно проголтано од пожарот. Вељановски вели дека не знае што ќе прави, а очекува помош од фирми и хумани граѓани. Тој не сака пари, туку градежен материјал за одновно да изгради дел од куќата каде што ќе живее со сопругата.
Противпожарната бригада штетата ја проценила на 60-70 илјади евра, вели Вељановски. Приходите на шестчленото семејството се речиси 500 евра, со кои тие се прехрануваат, објаснува Божиновски. Две од неговите деца во септември треба да ја почнат школската година, а тој не знае како ќе продолжи понатаму. Соседите се подготвени да му помогнат да ја поправи куќата доколку има градежен материјал.
„Потребени ни се електричен шпорет, фрижидер, кревети за спиење. Ѕидовите се распаднати. Барав помош и од Општина Сопиште. В понеделник ќе одам во Црвниот крст. Побарав и од фирмата во која работам. Никој не може да ми го надомести она што го изгубив, но барем да почнам од некаде. Нема каде да влезеш, се плашиш да не падне нешто. Секаква помош е потребна“, вели Вељановски.
За врати и прозорци ќе размислувам понатаму, сега најбитно ми е да ја покријам куќата, вели Вељановски, татко на четири деца, кој додава дека приватна фирма веќе му понудила да му помогне во расчистување на шутот заедно со вработени во Општина Сопиште.
„Децата и жена ми избегнуваат да доаѓаат тука. Тие се под стрес. Тоа е ужасна слика. Најголема среќа е што никој од нас не беше дома. Му благодарам на Господ што нема жртви. Можеше да нè затекне на спиење, да изгориме живи внатре. Почнуваме од нула. Немам ништо“, додава Вељановски.
Божин Вељановски заедно со сопругата живее кај својот брат, а децата кај татко му. Тој вели дека тоа не е решение и сака најбргу што може да се врати и да ги санира помошните простории за да ги користи за спиење и основни потреби. Вељановски упати апел до сите хумани граѓани и фирми што се во можност да му помогнат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Радев: Паднаа маските, власта во Скопје се плаши да препознае „Бугарин“ и „бугарскo“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/04/radev.jpg)
Маските конечно паднаа. Новата власт кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“ во РСМ. Ова како што пренесуваат бугарските медиумите, пред новинарите го изјавил бугарскиот претседател Румен Радев.
„Сега станува многу јасно зошто во пролетта 2021 година, како претставник на Бугарија во Советот на ЕУ, подолг период го преместив фокусот на европските институции и лидери од заштитата на нашата историја, култура и јазик во заштитата на правата на Бугарите. Стана јасно зошто ја покренав идејата за нивно вклучување во уставот на земјата како важен предуслов за почеток на преговорите за членство и ја бранев оваа кауза до самиот крај“, вели Радев.
„Но денес конечно маските падна кај нашиот сосед и јасно се покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа земја е да се препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“ во РСМ. Ова е политика насочена директно против европските принципи и донесени одлуки со консензус на сите земји-членки против меѓународните обврски преземени од РСМ, но особено против сопствените граѓани, кои јасно ги декларираа своите амбиции за европски развој на земјата. Очекувам итни конкретни дејствија и од бугарската влада и од европските институции за почитување на европските принципи и норми во процесот на проширување, за гарантирање на неповратност и одржливост во афирмацијата на принципите на демократијата и главните критериуми во почитувањето на човековите права. Ако ЕУ не се заложи за европската перспектива на Балканот, врз основа на јасни принципи, норми и вредности, тогаш порано или подоцна Балканот ќе ја соочи Европа со балканизација“, рече претседателот Румен Радев, пишуваат медиумите во Бугарија.
Македонија
Филипче: Моја главна грижа ќе биде грешките од минатото никогаш да не се повторат
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/WhatsApp-Image-2024-06-25-at-20.48.44-1.jpeg)
Венко Филипче, кандидат за претседател на СДСМ, на вчерашните средби со граѓаните во Кисела вода и Штип истакна дека СДСМ мора да учи од грешките, а идниот претседател е должен тие никогаш да не се повторат.
„Историјата е нашиот најголем учител, но само ако избереме да учиме од неа. Иднината на СДСМ ќе остане заложник на минатото ако не направиме суштински промени. Ако бидам избран за претседател, моја главна грижа ќе биде грешките од минатото никогаш да не се повторат“ – истакна Филипче.
Тој рече дека како претседател ќе води со пример и ќе се заложи за обединување на партијата преку взаемно почитување и давање глас на членовите.
„Новото раководство на СДСМ ќе делува суштински различно од сите претходни. Ќе водиме со пример, со многу чувство и емпатија за да осигураме дека секој член се чувствува ценет и слушнат. Сила на обединување ќе бидат другарството, еднаквоста и взаемното почитување. Само така од СДСМ ќе направиме вистинско семејство“ – рече Филипче.
Македонија
Надлежните бараат решение, по зголемениот број на пријави за змии во државата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/zmija-sk.jpg)
Вчера во Центарот за управување со кризи, директорот Стојанче Ангелов, одржа Координативниот состанок на тема “Загрозување по животот и здравјето на луѓето од зголеменото присуство на змии во урбаните средини”, на којшто присуствуваа претставници од Министерство за внатрешни работи и од Зоолошка градина Скопје, а и високи претставници од Центарот за управување со кризи.
Инаку, како што информира ЦУК, на седницата иако биле повикани, не присуствувале претставниците од Министерство за животна средина и просторно планирање, од Министерство за здравство и од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Од директорот Ангелов, беше истакнато за зголемениот број пријави за змии во државата, како фактичка состојба, што индицира соодветно превентивно да се реагира од државните структури што се во допир со таа тема.
Претставниците од Зоолошката градина Скопје информираа дека доброволно во рамки на можностите понекогаш помагаат за безбедно отстранување на змии и тоа го прават за доброто на граѓаните, при што посочија дека корисно би било на идната координативна средба да се викнат претставници и од невладиниот сектор, конкретно од Македонското еколошко друштво (МЕД), („херпатолози“), за да направат стручна експертиза“, соопшти ЦУК.
Напоменаа и дека во Град Скопје нема за сега случаи на опасно повредени или загинати лица од отровни змии, што е во домен на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.
На конструктивната средба стана збор и за работите коишто се, како и во другите современи земји поврзани со лиценци или дозвола за заловување на примероци од див свет, како се заловува дивото животно, а и начин и места каде што потоа живо и безбедно се пушта на слобода во природата или друго одредено место, согласно специфични случаи. Тоа беа прашања што се во сферата на проблематика на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање, коишто, според информациите, во буџетот треба да издвојуваат финансиски средства за обука, за теренска акција и за едукација за справување и запознавање на диви животни.