Македонија
(Видео) Штрајкови и блокади се опција ако медицинарите не добијат плата; Ристески: Јас се плашам дека можеби немаат пари
Се размислува за штрајкови, а опција се и блокади. Ова го посочи Марјан Ристески, претседател на Синдикатите за заштита на правата на работниците (КСОМ) на мирниот протест пред „8 Септември“, каде што вработените бараат исплата на платата за јануари. Според Ристески, Владата се занимава кои министри ќе шефуваат, а не со работниците. Повика веднаш да се исплати платата, но посочи и: „Јас се плашам дека можеби немаат пари“.
„Владата се занимава сама со себе, за тоа кои министри ќе влезат, а кои ќе излезат. Заборавија на основата функција – грижење за работниците. Сите знаеме како овие медицинари вложија натчовечки напори да го заштитат нашето здравјето, но Владата дејствува ноншалантно, изгубено. Јас сакам да им честитам за она што го работат и за она што го работат, да не бидат платени – ова е само почеток. Се надевам Владата ќе си ја сфати својата функција. Ова е несериозно. Докторите се револтирани, апел побргу да ја дадат платата. Јас се плашам дека можеби немаат пари, па се обидуваат да присоберат. Па што ако не работи системот?“, рече Марјан Ристески (КСОМ), претседател на Синдикатите за заштита на правата на работниците“, рече Ристески.
Тој реагира на соопштението од Управата на болницата, каде што, според него, било посочено: „Нашиот синдикат не протестира“.
„Кој е тој нивен синдикат? Ова не се негови вработени? Кои се овие доктори. Гледате дека притисоците веќе не дејствуваат. Луѓето си го бараат она што го заслужуваат“, додаде Ристески.
Претседателката на Независниот синдикат на ГОБ „8 Септември“ јавно праша кој ќе им ги плати каматите од кредитите што тие ги имаат затоа што не може да си платат рата оти немаат земено плата. Според неа, пробиениот рок од пет дена за исплата на пари за минатиот месец ги оставил вработените во болницата без пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

