Македонија
Владата не му го одобри работењето на Мицкоски како претседател на Управниот одбор на ЕЛЕМ

Владата не е задоволна од работата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како престседател на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ во 2016 година, објавено е во денешниот број на „Службен весник“.
„На д-р Христијан Мицкоски, претседател на Управен одбор, не се одобрува работењето како член на Управниот одбор на Акционерското друштво за производство на електрична енергија ‘Електрани на Македонија’, во државна сопственост, Скопје, за период 28.9.2016 до 31.12.2016 година“, пишува во „Службен весник“.
Заедно со него Владата не им го одобри работењето ниту на Дончо Коевски, Донка Марковска, Сефедин Халити, Климент Наумовски, Ивана Николиќ, сите членови на надзорниот одбор во 2016 година.
Неодобрување на работењето има и за ексдиректорот на ЕЛЕМ и обвинет во предметот „Тарифа“, Дејан Бошковски, потоа за Александар Пауновски, Анита Стамнова, Гордана Димитиревска Кочовска, Иван Куковски и Симон Зафироски, членови на Управниот одбор на ЕЛЕМ во 2016 година.
Oд Владата за „Макфакс“ велат дека на седницата на Владата од 4 септември, усвоени се годишната сметка, финансискиот извештај, годишниот извештај, консолидираната годишна сметка и консолидираниот финансиски извештај на АД ЕЛЕМ-Скопје за 2016 година со извештај од независен ревизор, но не се усвоени извештаите за работењето на членовите на Управниот и Извршниот одбор на АД ЕЛЕМ.
„При управувањето и водењето на работењето на АД ‘Електрани на Македонија’, во државна сопственост, во 2016 година било применувано несоодветно одржување на постојните производни капацитети, се предвидувале средства за проекти кои не спаѓале во рамките на извршување на основната дејност на Друштвото – производство на електрична енергија, а не се предвиделе средства ниту за еден нов производен капацитет, односно не се преземале значајни и суштински инвестициони активности, ниту почнале нови инвестициони проекти со цел подобро, поефикасно и пооптимално користење на ресурсите за вршење на основната дејност на Друштвото – производство на електрична енергија“, одговорија од Владата за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.