Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара оставки на Спасовски и Бочварски и вонредна контрола на сите автобуси во државата
По големата трагедија, во која животот го загубија 44 патници од Македонија, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и оставки на Спасовски и Бочварски.
На денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, изрази жалење за несреќата и сочуство до семејствата на загинатите.
„Сосема свесно цели три дена, додека траеја прогласените денови на жалост, не излегувавме со оценки во јавноста, со цел тие да не бидат сфатени како внесување политика во целиот овој процес. Ние ќе продолжиме така и да се однесуваме, но воедно нема да премолчиме за очигледните пропусти, недоречености и барањето на одговорност за страшната несреќа“, изјави Лефков.
Според него, трагичната несреќа, меѓу другото, е последица на немањето функционален систем за превенција на вакви несреќи, неговата корумпираност и злоупотребите што се прават со знаење на челните луѓе на одговорните министерства.
„Доколку не се извлечат поуки од една страшна несреќа, како што беше, на пример, несреќата во Ласкарци, каде што 16 луѓе ги загубија животот, се случува уште една друга несреќа, како што е горењето на модуларната болница во Тетово, каде што животот го загубија 14 други наши сограѓани. Немањето функционален систем нѐ доведе до уште една трагична несреќа во Бугарија“, изјави Лефков.
Тој додаде дека овие три дена сме сведоци на префрлањето одговорност од МВР на Инспекторатот за транспорт воден од Руфат Хусеини, кој доаѓа од Зајас, па Инспекторатот до Царината, за да на крајот одговорноста да спадне на некаков службеник од Царината, што значи дека и овој пат одговорност нема да има.
„Автобусот не бил регистриран во регистарот за возила за превоз, што отвора сомнеж за минувањето граница. Секоја несреќа или криминал во државава Владата дозволува да заврши со одговорност на некој службеник“, изјави Лефков.
Со цел решавање на проблемите и избегнување уште некоја ваква или слична несреќа, ВМРО-ДПМНЕ предложи Владата да преземе вонредни мерки: вонреден технички преглед на сите патнички автобуси и средства за јавен траспорт на патници на трошок на државата. Да се провери во какви услови се превезуваат луѓето; вонредна контрола на станиците за технички преглед во поглед на условите и начинот на работа; истрага за тоа како поминал автобусот на граница без да е впишан во регистарот на автобуси. Неприфатливо е префрлањето одговорност Царина – полиција – Инспекторат; јавно објавување на регистарот на автобуси и негово најново ажурирање; во иднина сите автобуси постари од 8 години, наместо 2 задолжителни технички прегледа годишно, да имаат најмалку 3, а автобусите постари од 12 години да имаат 4.
Миле Лефков побара одговорност од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Додаде дека најмалку нешто што може да направат е да поднесат оставки од морални причини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

