Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе поднесат интерпелација за Талат Џафери

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе поднесат интерпелација на претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави координаторот Никола Мицевски.
По вчерашниот ден кога пратениците беа заклучени во пленарната сала по наредба на претседателот Талат Џафери, како што рече Мицевски, веќе било кристално јасно дека Собранието не е повеќе демократска институција, туку институција заробена од еден автократ, кој си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина непочитувајќи никаков Деловник и, пред сè, крши основни човекови права.
„Талат Џафери со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води законодавиот дом. Овој човек нема почит кон никого, ниту кон собраниската служба, која ја навредуваше и ја пцуеше на најбезобразен начин, ниту кон пратениците за кои се охрабри да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала.
Ова се крици на еден немоќен и неспособен човек, кој не може да изгради сопствен авторитет ниту кај службата ниту кај пратениците и затоа не знаејќи што да прави, се охрабрува насила да спроведува режим, кој е далеку од демократски. За Талат Џафери – не постои Деловник, не постојат човекови права. Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата.
Ова е човек што си дозволува да фрла амандмани на опозиција во контејнер, да омаловажува вработени во Собранието, луѓе професионалци, кои се виновни само затоа што одбиваат да ги примаат неговите наредби, кои се незаконски, насилно да ги заклучува пратениците во Собранието, да крие закони и интерпелации во фиока и да го скратува уставно загарантираното право на пратеник да ги застапува граѓаните што го избрале“, изјави Мицевски.
Тој додаде дека сето ова се случува со дозвола и знаење на СДСМ, кои, според него, секојдневно ги бранат постапките на Џафери.
„Нам ни е јасно дека Џафери и СДСМ ќе направат сè за повторно да избегаат од одговорност како многупати досега и исто така им порачуваме дека оваа интерпелација не смее да заврши повторно кај него во фиока и никогаш да не ја стави на седница како што се случи со претходната што ја поднесовме“, рече Мицевски.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа пратениците од СДСМ заедно да се ослободат од заложничкото однесување на Џафери.
„Го повикуваме и премиерот Димитар Ковачевски еднаш барем да се заинтересира и да се постави како вистински премиер, а не да молчи и да бега од јавноста бидејќи ова што се случува е и негов срам“, порача тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.
Македонија
Меџити: Инвестиција од над 6 милиони денари во населбата Гази Баба за одржливо водоснабдување

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изврши увид во работите кои се одвиваат на улицата „Бајрам Шабани“ во населбата Гази Баба во Општина Чаир.
Проектот, поддржан од Министерството за животна средина, има за цел подобрување на снабдувањето со вода за пиење за жителите од оваа област. Оваа инвестиција, во вредност од над 6 милиони денари, опфаќа изградба на нов цевковод со профил DN 280 мм и должина од 235 метри, со што ќе се замени постојната дотраена мрежа.
„Со оваа интервенција се елиминираат честите прекини и недоволното снабдување, обезбедувајќи стабилна вода за пиење со подобрен притисок долж целата улица,“ изјави Меџити при средбата со жителите на населбата.
Проектот се реализира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Општина Чаир, со цел да се гарантира постојан и квалитетен пристап до вода за пиење за жителите на оваа зона.