Македонија
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта профитира од ситуацијата со коронавирусот

Владата на СДСМ бесрамно профитира од ситуацијата со коронавирусот, обвини ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.
Од опозициската партија велат дека за само четири дена платени се 8 милиони денари од власта за репрезентации, услуги во ресторани и патувања.
„За само 4 дена, од 17 до 20 март, во екот на заразата, кога стотици граѓани биле заразени и побарале здравствена заштита, кога нема доволно ресурси во здравствениот систем, биле потрошени 3 милиони 78 илјади и 300 денари на име на репрезентации од страна на функционерите на власта. Функционерите на СДСМ изеле и испиле над 3 милиони денари во време кога ни се случува најголемата здравствена и економска криза. Односно по денови, 467 илјади денари на 17 март, 710 илјади денари на 18 март, еден милион и 440 илјади денари на 19 март и 459 илјади денари на 20 март.
Дополнително не се штедело ниту на трошоци на патувања во земјава и странство. Потрошени се 96.843 евра за патни трошоци, сместувања, хранарина и дневници.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага наместо кратење плати на работниците и на администрацијата, да нема плати за министрите. Ова е конкретен предлог до Владата, Спасовски, Шекеринска и другите да се откажат од платите и да ги донираат за борбата против коронавирусот.
ВМРО-ДПМНЕ освен тоа предлага и сет мерки кои со сигурност ќе придонесат за стабилизирање на економијата без притоа работниците тоа да го почувствуваат на својот грб.
1. Државата да покрие до 50% од бруто-трошоците за вработените, по основ на нето-плати и придонеси, а не само нето-плати како што предлага СДСМ,
2. Целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите,
3. Владата да се откаже од непродуктивните трошоци од буџетот и безусловна и интензивна реализација на капиталните инвестиции,
4. Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето патарина и царински давачки, како и да донесе одлука за укинување на сите давачки, царински и даночни, за набавка на здравствени маски, медицински препарати и уреди потребни за справување со коронавирусот,
5. Аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но истото ова треба да се примени и за ДДВ за март, кој се плаќа до крајот на април, за дејностите погодени од кризата,
6. Итно и целосно прекинување на непродуктивните трошоци за времени вработувања,
7. Да не се прави „урамниловка“ помеѓу платите на функционерите со платите на работниците во администрација и
8. Веднаш да се обезбедат 1 милијарда евра за да нема негативни последиците врз компаниите и стандардот на граѓаните, од кој 600 милиони преку средства од Светска банка, ММФ и странски банки, и 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, со претворање на пасивниот капитал во актива.
Министрите, политичарите и работниците од администрацијата не можат да бидат израмнети по однос на месечните приходи.
Време е функционерите од СДСМ да почнат со свој личен пример да го помогнат народот.
Владата треба да биде доблесна и да соработува во овие тешки моменти за македонската економија и македонските граѓани“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.