Македонија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за пратеничката на СДСМ, Георгиевска, за уставните судии

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес поднесе барање за интерпелација на претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска, од СДСМ.
Пратеникот Антонијо Милошоски образложи дека таа неделовнички и неуставно на сè уште незавршена точка на дневен ред и незавршена комисија поднесува парцијален извештај до, како што рече, деспотот во Собранието, Талат Џафери, за уставни судии.
„Тие што им одговараат уставни судии ги поднесуваат на гласање, без да биде воопшто завршен процесот на дискусија на самата седница, каде што именуваната Марија Георгиевска не ја закажуваше цели десет месеци до пред некое време. Тоа е спротивно на членот 128 од Деловникот, каде што е точно наведено дека работното тело заседава и откако ќе заврши седницата, подготвува извештај и записник за тоа што се одлучило на самото работно тело, а оваа седница на Комисијата за избори и именувања не е завршена.
Вториот прекршок е членот 129 од Деловникот, каде што пишува дека за известител во однос на кои било седници од работните тела најчесто е претседателот на тоа работно тело пред пленумот, а ние видовме вчера дека претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска, немаше дури ни храброст да се јави пред Собранието за пред пратениците да објасни зошто поднела парцијален извештај, зошто ја прекинува комисијата и пишува извештај без таа да биде завршена и барем да беше присутна и да земе збор и да каже зошто смета дека овие селективно избрани кандидати за уставни судии заслужуваат да бидат членови на Уставниот суд“, рече Милошоски.
Опозициската партија смета дека со самото вакво однесување на владејачкото мнозинство во Собранието дополнително се девалвира не само Уставниот суд како институција, дополнително се девалвира и Собранието, а најмногу довербата на граѓаните во правосудството.
ВМРО-ДПМНЕ очекува оваа интерпелација да биде во најкус можен рок ставена на пленарна седница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.