Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По струјата поскапува и парното, лицемерите од заевизмот бараат презадолжениот Град Скопје да им помага на граѓаните

Заевизмот продолжува да го урива стандардот на граѓаните. По поскапувањето на струјата за над 15% денес испорачаа ново поскапување. Денес со одлука на послушникот Бислимовски на граѓаните на Скопје покачена е цената на парното греење за дополнителни 14%, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„ Во услови кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, кога цените на производите во маркетите пораснаа до небо, сега се испорачува ново поскапување кое ќе удри по џебот на народот.
Иако ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше пред неколку месеци дека ќе дојде до ваков ценовен шок и поскапување на парното, Владата на Заев не презеде ништо. Сега неодговорноста и неспособноста на владата треба да ја плаќаат граѓаните.
Дополнително власта во декември при носењето на буџетот за 2022 година го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се обезбедат 250 милиони евра за субвенционирање на електрична енергија на граѓаните и компаниите за да се спречи дополнителен ценовен шок и инфлација и да се обезбедат пари за сите општини кои од почетокот де до крајот на енергетската криза се соочиле со раскинување на договорите од страна на снабдувачите, односно да се покрие разликата меѓу првично склучениот договор и моменталната цена на електричната енергија.
Да биде уште потрагично сега Бислимовски бара Градот Скопје да помага, а само пред неколку месеци поради Регулаторната комисија Градот и останатите општини самите се соочуваат со 5-6 пати повисоки сметки за електрична енергија и самите едвај успеваат да ги покријат трошоците. На сето тоа уште и го заглавија Градот Скопје со долг од над 160 милиони евра поради неодговорноста на Шилегов.
Ова е лицемерието на заевизмот кое народот скапо го плаќа од свој џеб“ се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети го посети семејството на Хашим Тачи: „Ќе го пречекаме како победник на правдата кога ќе се врати“

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на социјалните мрежи објави дека го посетил семејството на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, за, како што вели, да им даде срце и сила на неговите родители и роднини во битката за правдата.
„Нивниот син со пријателите го брани достоинството на ОВК. Правдата одложува, но не заборава. Гордо ќе го пречекаме Тачи со пријателите кога ќе се врати како победник на правдата“, напиша Ахмети на социјалните мрежи.
Хашим Тачи се изјасни за невин на судењето за воени злосторства на Косово, заедно со тројцата други членови на Главниот штаб на ОВК, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на судскиот процес што пред неколку месеци почна во Хаг по речиси тригодишна истрага и повеќе од 20 години од војната.
Тачи се соочува со 10 обвиненија за апсење, убивање и мачење на оние кои се сметале за непријатели, вклучително и Албанци, Срби и Роми, додека се обидувале да ја преземат власта за време на ослободителната војна во 1998-99 година.
Македонија
Димитров: Северна Македонија да го сфати важното место на историската комисија за пристапувањето во ЕУ

Република Северна Македонија треба да го сфати важното место што го има работата на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија во процесот на пристапување на земјата во Европската унија. Ова за бугарската агенција БГНЕС го изјави професорот Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања.
Во изјавата тој оцени дека на досегашните бројни состаноци не се постигнати резултати.
Темата на која најдолго се задржале било изнајдувањето на заедничка позиција за претставувањето на Охридската архиепископија, но како што кажа Ангелов, за жал не успеале да се договорат, пренесе БГНЕС.
Македонија
Ковачевски се сретна со американската амбасадорка: Важно е сите политички партии да го поддржат европскиот пат

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Kaко што соопштија од Владата, на состанокот станало збор за суштинските прашања во врска со напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите.
Реафирмирана е јасната порака на Соединетите Американски Држави, дека земјава по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што, нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД.
Нагласено е дека Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и е посочено на важноста – сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата.
Притоа, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието.
На средбата со американската амбасадорка Агелер, како и при средбата на премиерот Ковачевски со сенаторот Крис Марфи во Скопје и на средбите со високите американски претставници Блинкен и Ескобар во САД, е потврдено искреното долгогодишно пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, кое што се развива на принципите на доверба и разбирање.
„Како Влада, ја почитуваме добронамерноста на нашиот голем и стратешки партнер САД, како и на другите пријателски држави, членки на НАТО и ЕУ коишто нè поддржуваат во следниот исчекор во евроинтеграциите, којшто има одредувачка насока кон полноправното членство на нашата држава во ЕУ. Реално е очекувањето тоа да се случи до 2030 година и подготвени сме со уште посилен интензитет да работиме на потребните реформски процеси. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на Европа, со европски квалитет на живот и европска иднина за младите, во родната земја“, рече премиерот Ковачевски, на средбата со амбасадорката Агелер.