Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Секс-скандалот во АРМ покажа колкав е распадот на системот во Македонија поради власта на ДУИ и СДС

Власта на ДУИ и СДС е одговорна за целокупниот распад на системот кој се случува во Македонија. Дури и една институција како АРМ ја тресат сериозни скандали. Освен корупцијата во македонската армија постои секс скандал, односно злоупотреба на службената позиција и сексуално малтретирање на офицерки и воени лица од страна на високи офицери, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кај едно од лицата во министерството за одбрана кои биле осомничени за корупција, во телефонот на уапсено лице се пронајдени докази односно постојат фото и фоно записи со кои се потврдува злоупотребата за службената позиција од страна на генерал и полковник. Но да биде уште пострашно овој скандал се криел, а искуството вели дека кога власта на ДУИ и СДС нешто крие, тогаш има намера и да го забошоти.
Дека е тоа така говори и фактот што никој од АРМ и од Министерството за одбрана, вклучително и министерката Славјанка Петровска, не го известиле Стево Пендаровски, кој формално правно е врховен командант. Фатена во небрано Петровска призна дека постои скандалот и рече дека го пријавила некаде, но сепак според тврдењата на Пендаровски не го информирала врховниот командант“, велат од опозициската партија.
Ова, како што оценуваат е сериозен удар за АРМ како институција, но и целокупниот систем на одбраната. Овој скандал, според нив, покажува дека освен што постојат злоупотреби, има и целосно отсуство на комуникација меѓу надлежните институции, што можеби е тенденциозно за да може некои работи да се сокриваат под тепих.
„И овој скандал, како и илјадниците други, доколку не се истражат и процесуираат сега, ќе бидат предмет на обработка после промената на власта. Секој што е вмешан и што учествувал во прикривање на вакви скандали на сексуална злоупотреба и корупција ќе одговара“, се нагласува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.