Македонија
Во автобусот пронјадени 44 жртви, еден патник веројатно патувал во друг автобус

Во остатоците од автобусот се пронајдени 44 трупови од жртви, соопштија бугарските истражни органи. Тие велат дека добиле информација оти во автобусот патувале 52 патници, а во болница се лекуваат 7 лица. За нив, останува нејасно каде е уште едниот патник што бил регистриран дека е во автобусот. Според заменикот на главниот бугарски обвинител, се претпоставува дека еден патник се одлучил да патува со друг автобус на „Беса транс“, кој исто така бил на турата во Турција.
„Сите настрадани, според лекарите, се во добра состојба, но во тешка психичка состојба. Бев со главниот обвинител на Македонија на местото на несреќата, ги видов телата. Тоа засекогаш ќе биде врежано од мојата меморија. Беше страшно. Кога ги посетив во болницата, еден бараше да оди во тоалет, еден да зборува со мајка си, другиот го бараше синот, кој останал во автобусот. Најдовме 44 трупа, во болница се 7 лица. Имаме информација дека патувале 52 патници. Останува голема дилемата каде е осмото лице? Работиме на таа верзија. Можеби станува збор и за лоша меморија на сведоците“, изјавила главната обвинителка на Бугарија, Сијка Милева, која е дел од тимот што ја истражува несреќата“.
Пред тешкиот инцидент имало 20 минутна пауза на бензинска станица. Се претпоставува дека еден патник се качил во друг автобус, но тоа не е докажано. Поради тоа, се проверуваат и снимките од надзорните камери, каде што имало пауза за патниците. За кој патник станува збор, ќе се проверува откога македонските власти ќе направат проверка кои патници влегле во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од „Ќе видиш што ќе ти се случи“ до сечење гуми од автомобил – градоначалникот на Штип за заканите: Мислев ќе помине

Закани со зборовите „Ќе видиш што ќе ти се случи“ завршиле со сечење на гуми од автомобил. Вака градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ги опишува претходните два месеци, за кои посочува дека бил мета на вработен бидејќи не го назначил на командирска функција. Јорданов посочува дека првично не го сфатил сериозно, се додека вчера, не биле исечени гумите на автомобилот со кој тој патува на подалечни дестинации. Вработениот сакал командирска функција во Противпожарната бригада. Јорданов за „Макфакс“ открива дека постојат и видео снимки.
„Станува збор за нереализирана лична амбиција, тоа е причината поради која тргна целата оваа работа. Заканите кои што беа вербално упатувани кон мене и трети лица, не сум одлучувал досега да ги пријавувам бидејќи мислев дека ќе помине и заврши. Ескалираше ситуацијата. Возилото со кое одам на пат во Скопје или на други подалечни дестинации го користам, а не е во моја сопственост, наменски се избушени гумите за да прати порака“, посочува градоначалникот на Штип.
На уништувањето на гумите, според градоначалникот, претходел друг настан.
„Во текот на вчерашниот ден, службените паркинг места кои ги има општината беа блокирани во неколку наврати од страна со неговото приватно возило со што јас го пријавив тоа во полиција, па дојде до тој момент“, посочува Јорданов.
Тој ги опиша и заканите кои ги добивал.
„‘Ќе видиш кој сум јас’ ‘ќе видиш што ќе ти се случи’, преку трети лица: ‘ова ќе му направам, ќе се влече по улици’.. Но тие не сум ги ставам толку важни како рeална опасност, до моментот кога видов дека не бира средства за да испрати порака“, вели тој за „Макфакс“ и додава: „Затоа и го пријавив во полиција, за да не направи друга материјална штета на мене, мои блиски, мој имот или физички да се пресмета“
Според градоначалникот на Штип, лицето сака да биде унапредено во командир на Противпожарната бригада и покрај тоа што не исполнува законски услови. Додава дека не е првпат да биде пријавуван за некој вид насилство.
„Не ги исполнува законските услови, тие се законски утврдени. Треба да има пет години работно искуство во униформа, лицето го нема тоа работно искуство. Ова мислам дека е само изговор, тоа е начин на функционирање бидејќи и поранешни градоначалници го имаат пријавувано за некој вид насилство – вербален напад, обид за физички напад, закани. Мислам дека на тој начин добива нешто и функционира“, додава Јорданов за „Макфакс“.
Вчеравечер, еден и пол час пред полноќ, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, пријавил дека континуирано во неколку наврати добивал закани. Ова траело со месеци, а вчера затекнал и како гумите од неговото возило биле распарчени. Тој пријавил дека делото го сторил вработен во Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Касами: Тетово е срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница

Тетово за нас е, и секогаш ќе биде срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Билал Касами.
„Објавата на градоначалникот Касами на неговиот Фејсбук профил оправдано предизвика бура на реакции кај Македонците.
Со оваа реакција на неговата објава ние како Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ Тетово сакаме да укажеме дека градоначалникот на Тетово треба да е свесен дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на Македонскиот народ и сите други кои живеат во Тетово. Тоа ние нема да го дозволиме‼️
Градоначалникот Касами има мандат да ги следи трендовите на европските градови, а сите заедно сме тука да работиме и да придонесеме Тетово да прерасне во град во кој младите ќе сакаат да живеат а не град од кој си заминуваат. Културата и духот на животот во Тетово подразбираат меѓусебна соработка, почитување и градење на подобри услови за живот на сите кои живеат во Тетово.
На крајот сакаме да потенцираме дека улогата на градоначалникот е да создава подеднакви можности за сите без разлика на национална и верска припадност.
Се надеваме дека градоначалникот Касами веќе ја увидел тежината на зборовите во неговата објава и дека е свесен за негативните реакции кај неговите сограѓани Македонци“, велат од партијата.
Македонија
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај стана почесен граѓанин на Гостивар

Денеска во просториите на општината, на свечена церемонија, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари му ја додели наградата „Почесен граѓанин на Гостивар“ на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
На предлог на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, на 19-та седница на Советот на општината во февруари годинава, градоначалникот на Тирана со едногласно гласање беше прогласен за почесен граѓанин на Гостивар, додека денеска наградата официјално му беше доделена во Гостивар.
Свое обраќање по поводот имаше и градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, кој рече дека Тирана веќе стана европска престолнина и дека е пријатно изненадување што нејзиниот градоначалник Ерион Велиај прави ПР и за Гостивар.
„Денеска ќе го прогласиме почесен граѓанин и оваа титула ја споделуваме со личност која направи ретка комбинација во својата личност. Тој е исто толку Албанец по емпатија и едноставност, колку што е модерен западњак во визија и политика. Кога Нелсон Мандела го прашале што би направил за да го промени светот, легендарниот Африканец рекол: Би го променил образованието. Личноста за која станува збор е најдобриот пример за пословичен одговор на Манделес. Го доби и најдоброто од албанското училиште и најдоброто од американското училиште, но пред сè, една од областите во која инсистираше постојано, бече да се подобри образованието и сите негови форми“, рече градоначалникот Арбен Таравари.