Македонија
Во Битола засадени дрвца за незаборав по повод 78-годишнината од депортацијата на Евреите

Со полагање цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Битола и на споменикот на Естреја Овадија Мара, од страна на битолската градоначалничка, Наташа Петровска, делегација на Советот на Општина Битола, директорките на здравственот дом „Д-р Хаим Абраванел“ и ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ и претставници на Сојузот на пензионерите, во градот под Пелистер се одбележа 78-годишнината од депортацијата на Евреите во Втората свсетска војна.
„Денешниот ден побудува длабоки емоции кај сите нас како битолчани затоа што нè потсетува на еден трагичен настан од минатото кога нашите сограѓани од еврејската заедница беа депортирани од нашиот град. Одбележувањето на овој ден, што го правиме секоја година, е од единствена причина дека сакаме да се сеќаваме на тој ден затоа што ни значи да се сеќаваме на нашите сограѓани, на еврејската заедница, која постоела во Битола, меѓутоа со тоа сакаме да покажеме кон целиот свет дека се случило злодело што човештвото не смее никогаш да си дозволи да се повтори никаде на планетата“, рече градоначалничката Петровска.
Воедно, преку онлајн-платформата „Зум“, по повод денот на депортацијата на Евреите, се одржа настан на кој во градот Кирјат Оно во Израел свои пораки на сеќавање за жртвите, како и пораки за мир, испратија градоначалникот на овој град, Израел Гал, израелскиот амбасадор Дан Оријан, Александар Аврамовски од македонската амбасада во Израел и д-р Шели Леви Друмер.
По испраќањето на пораките, заеднички во исто време беа засадени дрвја во Битола и во Кирјат Оно.
Во Битола засадувањето се реализира во дворот на Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“, а покрај градоначалничката Петровска, јапонски цреши засадија и директорката на здравствениот дом, Весна Спирковска, и директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.