Македонија
Во буџетот обезбедени 250 евра за електронски уреди за студентите и финансиска поддршка до 30.000 евра за младите, велат од Владата
Фокус на оваа Влада е обезбедување на пристојни услови за живот и успешен образовен процес за студентите и младите. За таа цел, во Буџетот за 2025 година обезбедени се средства за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди – телефон, компјутер или таблет за сите студенти, како и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси, односно финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади, велат од Владата.
„Ваучерот за студентите од 250 евра за купување на електронски уред ќе им овозможи на студентите да имаат пристап до технологијата што им е потребна за да успеат во денешниот дигитален свет. Додека пак, финансиската поддршка до 30.000 евра за младите за отпочнување на бизнис, значи дека младите ќе можат своите бизнис идеи да ги преточат во бизнис планови. Преку различна поддршка, мерки и проекти работиме за задржување на младите и студентите иднината да ја градат тука во сопствената држава. Токму затоа како Влада се обврзавме на вклучување на младите во носење на важни одлуки и слушање на нивните проблеми и барања“, посочуваат од Владата и дополнуваат:
„Владата е партнер на младите и студентите. Посветено и одговорно работиме и придонесуваме за подобар живот за сите, иднина и просперитет“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За ДУИ однесувањето на претседателот на Уставниот суд е неприфатливо и скандалознo, бараат итна оставка
„ДУИ силно ги осудува последните случувања во Уставниот суд, каде што моноетничките интервенции во повеќеетничка држава создаваат опасен преседан. Одлуката за продолжување на процесот на проценка на уставноста, и покрај бојкотот од судиите од албанската и турската заедница, претставува загрижувачки показател за недостаток на почит кон еднаквоста и меѓуетничката хармонија“, истакнуваат од оваа партија.
Според ДУИ, реакцијата на претседателот на Уставниот суд на прес-конференцијата ја означува кулминацијата на неприфатливоста.
„Прашан од новинар за недостигот на албанскиот јазик на таблата зад него, и покрај фактот што законот за употреба на јазиците е во сила, претседателот изјави дека „знае дека законот е во сила, но не му се допаѓа законот“. Таквата изјава е скандалозна и целосно неприфатлива.
Лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста. Неговото однесување ја поткопува не само довербата на граѓаните во институциите, туку и основните принципи на демократијата и меѓуетничката еднаквост“, напоменуваат од партијата на Ахмети во реакцијата..
Поради овие причини, како што додаваат, ДУИ повикува на итна оставка на претседателот на Уставниот суд.
Ваквите случувања, сппоред нив, не треба да се толерираат под никакви околности, а институциите треба да дејствуваат за да го гарантираат почитувањето на законот и вредностите на меѓуетничката еднаквост.
Македонија
Левицата со кривична против Велјановски
Левица поднесе кривична пријава за Александар Велјановски од ДПМНЕ за кривично дело – Несовесно работење во службата, казниво по чл. 353 – в, од Кривичниот законик. Причината е тоа што насилникот Велјановски го прекрши Деловникот на Собранието и го прекрши уставното и законско право на говор на пратениците на Левица во однос на расправата за Законот за царинска управа, извести Левица.
„Ова се случи кого мнозинството поднесе измени на Законот за царинска управа, со кои се предвидува уште дополнително заменик-директорско место, коешто требаше да ги задоволи апетитите на коалицијата. Односно, покрај директорското место договорено за ДПМНЕ и заменик-директорското за ВРЕДИ, да се обезбеди уште една ваква позиција за да се задоволат апетитите на ЗНАМ.
Левица тогаш поднесе 2673 амандмани. Согласно Деловникот, матичната комисија и Законодавно-правната комисија, пратениците имаат рок за расправа од по три дена од отворањето на расправата. Но, спротивно на Деловникот, претседателот на Законодавно-правната комисија од ДПМНЕ Велјановски, кој воедно е и човекот кој во Собранието имаше обид физички да се пресмета со Димитар Апасиев, одлучи расправата да трае само петнаесет минути.
И покрај тоа што со новиот Деловник, практично е невозможно да се блокираат штетните закони од коалицијата на власт, насилникот Велјановски одлучи да го ускрати дури и правото на пратениците од опозицијата да го искажат своето мислење и образложат амандманите. Очекуваме институциите да се одважат по оваа пријава, затоа што во спротивно, ова би било поддршка за насилничкото носење на закони од власта, без никаква политичка или институционална контрола“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиона евра годишно, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за адвокатски услуги од буџетите на општините и на министерствата.
Истражувањето покажа дека:
Општините и министерствата немаат пишани внатрешни правила за ангажирање адвокати имајќи предвид дека набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавните набавки.
Меѓу одговорите од општините има разни објаснувања за начинот на избор на адвокат, и тоа: „Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите“; „Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“; „Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа“; „Со непосредна спогодба“; „По слободен избор“; „Го избрал градоначалникот“ и „Од именикот на адвокатите“.
„Само општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати.
Министерствата на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра.
Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно. 40-ина проценти од исплатените 1,1 милион евра се за адвокати што општините сами ги ангажирале, а преостанатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи.
Од општините адвокати ангажирале 72 од 81 единица на локалната самоуправа. Една четвртина од општините му исплаќаат месечен паушал на некој адвокат.
Од министерствата, само две имаат ангажирано адвокати, а другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија и за камати.
Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, а кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд.
Поединечно најмногу пари му се исплатени на адвокатот Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година“, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.