Македонија
Во Гевгелија почнува со работа мерната станица за квалитетот на воздухот, која е финансирана од ЕУ

Во Гевгелија се пушти во употреба новата мониторинг-станица за квалитетот на воздухот, со што бројот на официјалните мониторинг-станици во дражавата се зголеми на 18 и една дополнителна мобилна мерна станица. Станицата е набавена преку проектот „Развој и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот“, кој се спроведува во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, а тој е финасиран од Interreg-IPA CBC-програмата помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција.
За реализација на овој проект, Европската Унија преку ИПА-програмата за прекугранична соработка го финансира проектот во вкупна вредност од речиси еден милион евра за двете држави, а националното кофинансирање во вредност од 15 отсто го обезбеди Министерството за локална самоуправа.
Министерот за животна средина Насер Нуредини во поздравното обраќање на настанот нагласи дека пуштањето на мерната станица значи збогатување на националната мрежа за автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот, со што всушност Министерството и Владата ги остваруваат целите и приоретитите.
„Борбата за подобрување на квалитетот на воздухот во рамките на предвидените краткорочни и долгорочни активности подразбира и одржување во добра кондиција на Државниот автоматски систем за квалитет на амбиенталниот воздух, но и зголемување на бројот на мерните станици“, истакна Нуредини.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, ги повика општините, институциите и организациите да подготвуваат проекти со кои реално ќе им помагаат на граѓаните.
„Се мобилизираме за во наредниот програмски период уште подобро да ја насочиме финансиската поддршка од предпристапните фондови на Европската Унија“, рече Милевски.
Изразувајќи задоволство што уште еден проект од ИПА 2-програмата за прекугранична соработка со Република Грција успешно се остварува во општина Гевгелија, градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, истакна дека повеќето капитални проекти што придонесуваат за еколошкиот одржлив развој на општината, како што се пречистителната станица, привремената депонија за комунален отпад, новиот водоснабдителен систем поради присуството на арсенот во водата во стариот, канализациските системи за отпадни и атмосферски води во градот и во неколку населени места се реализирани со грантови и како дел од програмите за прекугранична соработка на ЕУ.
Нагласувајќи дека реализацијата на овој проект е дел од зедничките напори за борба против загадувањето, евроамбасадорот Дејвид Гир во соето обраќање посочи дека посветеноста на Европската Унија е на намалување на загадувањето на воздухот адресирањето на климатските промени, промовирањето на обновливите енергии и здравиот начин на живеење, што минатата недела веќе беше најавено во економскиот инвестициски пакет за Западен Балкан, чиј составен дел е и нашата земја.
Покрај набавката на мониторинг-станицата, во рамките на проектот се спроведуваат и низа други активности. Имено, во рамките на оваа прогарама е направена комплетна замена на сите инструменти и во мерната станица „Битола 1“ и се набавени и инструменти за мерења на ПМ 2,5-честичките, и тоа за мерната станица „Битола 1“ и за оваа во Гевгелија. Исто така, набавени се два автоматски стандардни/референтни нисковолуменски семплера за мерење суспендирани честички (ПМ 10 и ПМ 2,5) и тие се поставени во близина на мерните станици „Битола 1“ и „Гевгелија“. Дополнително, во рамките на проектот ќе се направи процена на влијанието на квалитетот на воздухот врз здравјето на луѓето во прекуграничниот регион, ќе се развие здравствен индекс, ќе се зајакне прекуграничната соработка преку организирање тематски обуки, ќе се подготват и спроведат повеќе активности за подигнување на јавната свест на граѓаните. Планираните активностите од проектот целосно се очекува да се завршат до август 2021.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.