Македонија
Во ковид-центрите во Скопје за 24 часа хоспитализирани 65 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 65 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 459 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.
„Во последното деноноќие на Интерните клиники имало вкупно 20 приеми, и тоа тројца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, шест во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, исто толку пациенти се примени на Клиниката за нефрологија, четворица болени се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, а еден во новоотворениот центар на Клиниката за очни болести. Во ковид-центарот во ГОБ ‘8 Септември’ имало 28 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 17 лица“, се наведува во соопштението.
Како што додаваат оттаму, во изминатите 24 часа дома се пуштени 33 оздравени пациенти.
Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија – 36 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 52 пациенти со симтоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 24 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментот се сместени 25 пациенти, а на Клиниката за очни болести еден пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 100 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 155 пациенти, а во Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 40 пациенти, од кои 9 деца и 31 возрасен.
Вкупно 459 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив е на кислородна поддршка.
И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово, до 8 часот, имало 40-ина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“.
Од утрово ковид-одделнијата во Скопје се проширени за дополнителни 43 кревети, кои се ставени во функција на пациентите суспектни и потврдени на Ковид-19. Од 8 часот почна да работи ковид-одделението на Клиниката за очни болести со капацитет од 23 кревети, а ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ е прошитен за 20 нови места и капацитетот од досегашните 80 се зголемува на 100 болнички кревети.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.